Вицепремиерите Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Бујар Османи, Кочо Анѓушев и Хазби Лика од февруари ќе земаат за 8.000 денари повисока плата. Предлог закон за покачување на платите на вицепремиерите денеска е на дневен ред на собраниската Законодавно правна комисија, како и на пленарната седница.
Со измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, коефициентот за утврдување плата на заменик претседател на Влада ќе се пресметува со коефициент 4 наместо 3,70.
Според ова разликата во платата ќе изнесува 8.027 денари во бруто изнoс или за петте вицепрмеиери за 12 месеци ќе се издвои 481.620 денари.
Откако предлогот помина во Влада во декември, од таму тогаш демантираа дека ќе има зголемување на платите на вицепремиерите и велеа дека со измените во Законот за плата и другите надоместоци на избраните и именуваните лица во Република Македонија се врши само терминолошко усогласување на Законот со Законот за Влада на Република Македонија.
– Нема зголемување на платите на замениците на претседателот на Владата, тврдеа во декември од владината прес- служба.
Доколку предлог законот помине во Собрание, вицепремиерите Лика, Анѓушев, Османи, Шекеринска и Спасовски, веќе од февруари месец оваа година ќе имаат покачени плати за 8.027 денари.