Во Апелацискиот суд во Скопје утрово треба да се одржи рочиште за пресудата во случајот „Тенк“ за ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, со која таа е осудена на шест години затвор. Пресудата за набавката на блиндираниот мерцедес ја донесе судечки совет на чело со судијката Добрила Кацарска на 8 октомври мината година.
Второстепениот суд може да ја потврди пресудата од Основниот суд Скопје 1, да ја преиначи или да го врати предметот на повторно судење.
Ако и Апелација ја потврди казната, пресудата ќе стане правосилна и Јанкулоска ќе треба да ја изврши. Меѓутоа, во таков случај ексминистерката би можела да бара и одлагање на извршувањето на казната додека нејзиното бебе не наполни една година (до јуни годинава), што е дозволено според Законот за извршување на санкции.
Заедно со Јанкулоска на обвинителка клупа во овој случај седеа и поранешниот премиер, Никола Груевски, и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, но поради ризичната бременост, за неа постапката се раздвои.
Груевски и Поповски веќе се правосилно осудени: експремиерот на две години, а поранешниот функционер во МВР на четири години и шест месеци. Поповски се наоѓа во затвор, а Груевски избега во Будимпешта, Унгарија, каде и побара азил.