Родители на деца со Даунов синдром на денешната средба со градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски побараа општината да им овозможи бесплатно сместување во градинка за нивните деца и бесплатен паркинг.
Средбата се реализираше во кабинетот на градоначалникот по повод Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром и на неа присуствуваа родители со нивните деца од здружението „Вера“ од Струмица.
– Како здружение поднесовме барање до градоначалникот да ни се овозможи на семејствата на децата со Даунов синдром бесплатен паркинг и децата со попреченост да добијат бесплатна градинка. Се надевам дека општина Струмица тоа ќе го реализира и уште еднаш ќе биде пример за тоа како се инклузираат во општеството лицата со попреченост, изјави Анче Туфекчиева, претседател на Здружението „Вера“.
Градоначалникот Јаневски истакна дека тој и општината имаат големо разбирање за потребите на овие граѓани.
– Ние сме отворени за соработка. Единствено можам да кажам дека чувствувам доза на одговорност и упатувам апел до сите да не се потсетуваме само на вакви денови дека имаме сограѓани кои што имаат одредени посебни потреби на кои што треба максимално да им помогнеме, истакна Јаневски.
Децата со Даунов синдром заедно со нивните родители посетија повеќе служби и одделенија во општинската зграда и на вработените им врачија пораки.