Министерот Салии потегна нога, на ред се другите забушанти во ДУИ

Впечатливо е дека дел министри и заменици - министри на ДУИ, за добиените критики се правдале дека колегите од СДСМ ги кочат во спроведувањето на проектите. Најжестоки критики биле упатени на адреса на министерката за образование Рената Дескоска.

1609

Оставката на министерот за правда Билен Салии најверојатно нема да биде единствената од министерскиот кадар на ДИУ во Владата на Зоран Заев, брифираат за Плусинфо од партијата на Али Ахмети.

Од таму неволно зборуваат дали несогласувањето со одлуката на Јавното обвинителство за преквалификација на кривичното дело за случајот со малиот Алмир, му дојде како „кец на десетка“ на Салии за сам да си поднесе оставка и не дозволи да биде сменет од Заев. Само велат дека „Салии не се снајде во ресорот“. Забелешки за работата во „правда“ Салии добил и од сопартијците на Централното претседателство (ЦП) на ДУИ, минатата недела.

Но, според членови на ЦП на ДУИ, министерот за правад не бил единствениот кој заработил критики од сопартијците. На „тапет“ бил и министерот за економија Крешник Бектеши, особено поради доцнење на некои од проектите битни за Албанците. Иако велат дека ќе има и други оставки, не прецизираат дали Бектеши е следниот на списокот.

– Министрите беа со полна уста пофалби за сработеното во своите ресори. Членовите на ЦП, пак, сите беа критични и изнесоа куп забелешки за нивната работа. Впечатокот е дека министерската постава на ДУИ во Владата не се покажа во најдобро светло – вели член на ЦП.

Извори од највисокиот партиски орган на ДУИ брифираат дека иако Салии поднел оставка од ресорот правда, тоа не значи дека ДУИ е подготвена да го трампа тоа министерство за друг ресор.

– Правда останува кај ДУИ. Досега немало разговори со СДСМ за размена на ресори при најавената реконструкција на Владата – вели функционер од партијата на Ахмети.

Впечатливо е дека дел министри и заменици – министри на ДУИ, на ЦП, за добиените критики се правдале дека колегите од СДСМ ги кочат во спроведувањето на проектите. Најжестоки критики биле упатени на адреса на министерката за образование Рената Дескоска.

-Дали од СДСМ не ги знаат работите или се премногу претпазливи, аме еве во МОН досега не е распишани ниту еден тендер за реализација на проекти – вели член на ЦП од ДУИ.

„Члешлањето“ на работата на министрите и на функционерите на ДУИ ќе продолжи и на утрешниот состанок на Централното претседателство на партијата.

Јасно е дека ЦП е филтерот, а лидерот Ахмети е тој што пресекува кои министри и функционери на ДУИ ќе ја преживат најавената владина реконструкција, а кои ќе се збогуваат од функциите. Јасно е и зошто во пресрет на најавената реконструкција на Владата,  ДУИ ја „чешла“ работата на своите министри, односно дека Ахмети не дозволува било кој премиер да разреши негов кадар, туку тоа го прави лично лидерот преку оставки на министрите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...