Поранешната главна преговарачка во дијалогот меѓу Белград и Приштина и екс-косовска вице-премиерка Едита Тахири изјави дека албанскиот премиер Еди Рама и претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, се вовлечени во опасни сценарија за промена на границите.
Гостувајќи во емисија на тиранската телевизија Ора њуз, Тахири рече дека границите на Косово се недопирливи.
– Ние, се боревме и за демократски систем. Претседателот не може да биде сопственик на косовската земја. Добро би било Тачи и Рама сега да се повлечат. Господинот Рама има уставна обврска, бидејќи Албанија ја призна независноста на Косово, но има и национална обврска. Што се однесува до Тачи, му кажавме дека е погрешно и оти ќе дојде време кога ќе го сфати тоа. Само взаемното признавање меѓу Косово и Србија како држави во сегашните граници носи мир во регионот – оцени Тахири.
Таа ја поздрави одлуката на албанскиот претседател Илир Мета за непотпшувањето на уредбата за именување на Косовецот Гент Цакај за албански министер за Европа и надворешни работи, бидејќи на тој начин,според неа, го искажал ставот против промена на границте.
– Го поздравувам визионерскиот став на претседателот Мета, како јасен став против промена на границите меѓу Косово и Србија. Непотпшувањето на уредбата за Цакај е во духот на одбрана на Косово. Рама самиот се вовлече во овие опасни сценарија заедно со Тачи и Вучиќ- изјави Тахири.
Таа оцени и дека со смената на досегашниот шеф на албанската дипломатија Дитмир Бушати, кој се изјасни против промена на границите, се потврдило дека Рама носи послушни и штетни луѓе, па дури ги користи и луѓето од Косово.