Лидерот на грчката опозициска партија Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, по ратификацијата на Преспанскиот договор во парламентот во Грција оцени дека „денешниот ден е тажен и тежок“. Тој најави ново грчко вето за Република Северна Македонија во процесот на преговори за членство во ЕУ, со оглед на фактот што нема одредба во Преспанскиот договор со која се регулира тоа прашање.
На таа тема, во текот на целата референдумска кампања во Македонија, говореше тогашниот заменик генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ, Петар Богојески, кој предупреди на таквата можност и на тој факт, како еден од најголемите аргументи против Договорот.
Богојески даде краток коментар, како одговор на ставот на Мицотакис дека немаат обврска во Договорот да не ставаат вето за Северна Македонија при влезот во ЕУ.
– И ние немаме обврска во Договорот да останеме Северна Македонија. Наместо да се промовира популизам базиран на вето и омраза, најдобро е и ние десничарите да започнеме да работиме на градење на искрено пријателство и доверба. Во интерес на Грција е Северна Македонија да биде членка на ЕУ и НАТО. Ние новите генерации Македонци, не сме така наивни како нашите предци и тешко ќе поминат нов тип на „византиски политики” во новата обединета Европа. Треба да се има на ум дека Грција нема да почувствува никакви негативни последици од Преспанскиот договор, а за нас во Македонија, тек следува имплементацијата на истиот и сите проблеми кои ги носи со себе тој Договор – вели Богојески.