Талат Џафери ќе биде добар претседател!?

Еден професор, кој повеќе не сака да му се споменува името во контекстот на претседателските избори, беше шанса целиот процес да се води на тие нови основи и ориентации.

2291

Секоја вечер пред легнување го чекав јавувањето на Грга Златопер од Вашингтон. Внимателно вртев со тркалцето од левата страна за да ја дотерам фреквенцијата на Гласот на Америка па да можам почисто да го слушам највозбудливиот глас што во тоа време можев да го чујам на нашето мало радио од марката „Савица 56“. Тие јавувања за настаните што ќе останат запаметени како Кубанска криза, први го разбудија мојот интерес за меѓународната политика. Имав само 10 години. Беше тоа во 1962 година.

Се сеќавате, американски извидувачки авиони беа откриле руски ракетни инсталации на островот. САД воведоа поморска блокада на Куба, а руската флота беше добила наредба да ја пробие блокадата и да му помогне на Кастро. Во светот владееше голема напнатост што јас ја следев како некаква интересна претстава, но без страв дека светот може да отиде во нуклеарна светска војна. Како што се зборуваше. И не отиде, затоа што на врвот на ескалацијата Кенеди и Хрушчов постигнаа договор.

Нормалниот свет се буди

Случувањата во Венецуела и светските реакции ме потсетуваат на тоа време. Неокомунистичкиот експеримент што почна со Чавез и продолжи со Мадуро темелно ја уништи земјата со најмногу нафта и најубави жени. И ја доведоа во центарот на новиот геополитички судир. САД, Бразил, Аргентина и други латиноамерикански земји го признаа новопрогласениот претседател Хуан Гваидо, Франција и Германија исто така, Европската Унија сè уште не, но во своето соопштение изрази јасни симпатии кон разочараниот и осиромашен народ што протестира против сегашниот претседател. Русија, Кина, Турција и Апасиев, го поддржаа Мадуро.

Венецуела е голема земја, но во геополитичка смисла таа е за Америка тоа што е Крим за Русија. Се разбира, никој нема да ја анектира, но некакви мерки против хуманитарната катастрофа што ја предизвикаа режимите на Чавез и Мадуро, мораше да се преземат. Признавањето на новопрогласениот претседател е една од тие мерки. Судирот ќе има глобални импликации поради ресурсите на Венецуела, поради можната обнова на нарушеното единство на западниот свет по скандалозните деструкции на американскиот претседател и поради високите изгледи поддржувачите на Мадуро да доживеат пораз и по таа линија да го подзабават или да го диверзираат забревтаниот воз на националистичката и нацифашистичка деструкцијата што го шират низ Европа и низ целиот свет.

Нормалниот свет се буди и порачува дека нема да ги остави нацифашистичките и популистички лудаци од орбанистички тип или левите екстремисти од типот на Мадуро да го кројат костумот на катастрофата на светот.

Ненси Пелоси не му дозволи на Трамп годишното обраќање до нацијата да го одржи од говорницата на Конгресот. Му препорача тоа да го направи писмено или од некое друго место што ќе му се стори згодно.

Претставничкиот дом на Конгресот усвои закон со кој му забранува на претседателот да ги извлече САД од Северноатлантската алијанса и да води политика за растурање на НАТО, односно да ја разурнува безбедносната архитектура на светот, западната солидарност, безбедност и културен модел.

Поранешниот британски премиер Тони Блер ја обнови иницијативата за нов референдум околу брегзитот по блокадата на договорот на премиерката Меј со Европската комисија. Во меѓувреме, „Сони“ најави дека ќе ја премести својата европска централа во некоја членка на Европската Унија. Истото го најавија и големите фабрики на „Ербас“ кои сега работат на островот. „Јагуар“ размислува за слични постапки. „Тојота“ исто така. Би-би-си, замислете, таа заштитна марка на Британија, бара згодна локација во Брисел. Илјадници луѓе работат на тоа своите адреси и бизниси да ги преместат на континентот. Ќе престане ли самоповредувањето на големата нација?

Францускиот претседател Макрон и германската канцеларка Меркел потпишаа договор за унапредување на германско-француското пријателство, со што упатија порака за обнова на европското единство што е загрозено со бранот на национализам и популизам, дебело спонзорирани од источните централи.

Граѓаните на Србија и Република Српска се креваат на протести против едноличните диктатури и растурањата на своите општества во тежок примитивизам и провинцијализам.

Битката на Ципрас

Тука сме и ние. „Фајненшел тајмс“ и сите други медиуми во Европа и Америка пишуваат дека Преспанскиот договор е причина за славје на Балканот и за задоволство во Европа. Во таа смисла се поздравуваат решенијата на македонското Собрание односно уставните измени и практичната ратификација на Договорот, со јасни очекувања и ангажираност околу тоа истата работа да се случи и во Атина, каде што, морам да кажам, Ципрас води епска битка која, просто, ме восхитува. Последното негово обраќање до пратениците на Комунистичката партија кои рекле дека нема да гласаат за Договорот, е постамент за неговата политичка и човечка величина и резервација на место во домот на големите историски личности. И за Нобелот за мир, што се надевам дека ќе го добијат со премиерот Заев. Не можам да замислам дека кога ова ќе го читате, вестите од Атина нема да бидат причина за славје на Балканот.

Како и решението на СДСМ во врска со претседателските избори и со идејата за предвремени парламентарни избори. Македонија е во континуирани внатрешни блокади, кои ги совладува многу тешко. И веднаш по решавањето на еден проблем, влегува во друг. Тоа ја исцрпува земјата, луѓето и нивниот интерес за Македонија. Тоа значи дека не е доволно да се решаваат проблемите што доаѓаат како на лента, туку системот што ги произведува и решава. Пукнатината што со Преспанскиот договор и со Договорот со Бугарија е направен врз класичниот, глупав и штетен македонизам, мора да се направи и врз неговата политичка артикулација внатре во земјава. Прва работа е да се обезбедат услови за порамномерно распоредување на националното богатство. Тоа е услов над сите услови. Второ, пробивање на рамките на сегашниот партиски модел со активирање на кадровските потенцијали што остануваа надвор од процесите. Трето, реална рехабилитација на правната држава до нивото што ќе ја смени крајно негативната перцепција кај мнозинството граѓани.

Но, за претседателските избори е доцна.

За СДСМ ќе биде голем удар ако не успее да обезбеди цензус за својот кандидат. И за кандидатот тоа ќе биде опасен удар. И за Македонија, но не толку опасен, затоа што господинот Талат Џафери, сигурен сум, многу добро ќе си ја врши и новата функција. Парламентарните избори како модус за кревање на излезноста се начин за максимирање на општата штета за мал ќар на друга страна. Не смее да се дозволи една поразена злосторничка инсталација да ја диктира политичката агенда на Северна Македонија, земјата што не ја признава.

Еден професор, кој повеќе не сака да му се споменува името во контекстот на претседателските избори, беше шанса целиот процес да се води на тие нови основи и ориентации за кои говорев и кои при минимум фер однос на главните политички сили, ќе можеше да ја покрене Македонија до нивото на нормални и продуктивни избори и паметни политики во иднина. Да одзатне дел од љубопитствата и надежите на луѓето затрупани со разочараност од политиката и во политиката, можеби, сѐ уште не е доцна да го замолат човекот, но се чини дека возот веќе е тргнат во друга насока.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...