Насловот е точен цитат од една од најславните изјави на „челичната леди“ Маргарет Тачер, дадена во далечната 1987 за еден женски магазин. Триесет години подоцна, оваа изјава како да доби историска потврда дека станала она што филозофот Карл Попер го нарече „Едипов ефект“, самоисполнувачко пророштво што директно влијае врз сопственото остварување.
Навистина, откога лидерскиот пар Реган-Тачер, го почнаа глобалниот поход на неолиберализмот во раните осумдесетти, па до денес, веќе е јасно – и на глобално и на национално ниво – дека општествата исчезнуваат од мапата на човештвото. Првин, самодробејќи се однатре во процесот на атомизација и индивидуализација, а потем и со политички и економски диктираниот процес на евапоризација на најважните социјални придобивки што се изборија за еманципација во светот по Втората светска војна: социјалната правда, еднаквоста, синдикалното самоорганизирање, работничките права, јавните сервиси, праведната дистрибуција во уживањето и управувањето со општите добра… можам уште многу да набројувам.
Манифест на неолиберализмот
Целосната изјава на Тачер е вистински манифест на вечниот „нео“ либерализам, во кој низ славењето на индивидуата и индивидуализмот, всушност се формулира единствената филозофија на неолиберализмот. Едно, со кое се „убиваат две муви“: 1. се врши атомизација на социјалните групи што можат да се самоорганизираат во борбата за нивните права, 2. одвоените индивидуални или семејни ќелии се отуѓуваат една од друга во егоистичната битка за сопствениот просперитет, и 3. жртвите на глобалниот поход на неолиберализмот – во кој најголем дел од популацијата се „раздружува“, а крупните капиталисти се здружуваат – вината, значи, за сиромашењето или губењето на права се префрла дирекно на самите жртви, на индивидуите.
Вака гласи (се разбира, во мојот немушт превод) таа изјава во целост: „Мислам дека минавме низ период кога на премногу луѓе им беше овозможено да мислат дека кога ќе заимаат некаков проблем, неговото решавање е работа на владата. „Ако имам проблем, ќе добијам помош. Ако сум бескуќник, владата мора да ме вдоми. Тие ги префрлаат нивните проблеми на општеството. А, знаете, такво нешто како што е општество не постои. Постојат само поединечни мажи и жени и постојат нивните семејства. И никаква влада не може да направи ништо а да не е преку овие луѓе, а луѓето мораат да се грижат првин за себеси“.
Светот што го гледаме денес е полн со фрустрирани индивидуи што не знаат што им се случило, додека самите се грижеле за себеси и за своите семејства, и не знаат како осиромашиле, како ги изгубиле стекнатите права, работнички и социјални, како останале без пензија, без работа или во таканaречен „прекарен“ статус, состојба на константна несигурност. Како од самодоволната средна класа на индивидуи станале припадници на класа што работи на договор, или половина работно време, или бара работа или тоне во безнадеж без работа; не знаат овие индивидуи како станале класен материјал за новонаречениот „прекаријат“ – новата класа што уште од првата индустриска револуција упорно се бори да се искорне од својот работнички мизерен статус на „пролетаријат“; тоа се „гордите“ мажи и жени од тачеровскиот свет што ја надживеаја „челичната леди“ во општества што не постојат.
Четириесетте години неолибералистички глобален кариер што го доживеа целата планета, а ние – постсоцијалистичките општества – го нарекуваме период на бескрајна „транзиција“ од општества во кои сите „индивидуални“ проблеми очекувавме да ги реши социјалистичката држава, во општества во кои сите сме индивидуи што се самите виновни за својата судбина, сите овие четири децении сведочиме – без разбирање за она што ни се случува – на моќни процеси на идеолошко перење на мозоци во кои новата религија на неолибералниот капитализам се претставува како природен тек на историјата, како нејзин крај, како неидеолошка „природна“ состојба на процесите на економијата, слободниот пазар и слободниот протек на капиталот, идеите и бла, бла, бла.
Диктатура на капиталот
Суровото политичко истребување на социјалистичките движења, идеи и вредности, на некогаш моќните работнички движења и развиените системи и механизми за остварување на социјалните права, заедно со уништувањето на социјалистичките држави, исто како и на нивните современици – капиталистичките држави на благосостојбата, односно капитализмот со хуман лик, со имплементирани социјалистички програми; сето тоа се престори во сеќавање на пензионери и старци што бладаат за исчезнатиот свет на нивната младост.
А, всушност, на дело беше – и сè уште е – една моќна диктатура на капиталот, една нерегистрирана партија на 26 индивидуи чиешто богатство е еднакво на посиромашната половина на човештвото, на „долните“ 3,7 милијарди луѓе; сето тоа е реалност на самоостварувачкото пророштво на „челичната леди“ што стана религијата на 21 век. Религија што се темели на неколку основни догми: лажна дерегулација на економијата зад која се кријат протекционистички суперрегулации и инструментализации на државите и меѓународното право во полза на капиталот, рамните даноци, односно редукција на прогресивното оданочување и даночна амнестија на најбогатите, приватизација и драстично намалување на опсегот на јавните добра и уништување на секаков вид на синдикално, работничко или какво и да е друго организирање на осиромашените луѓе.
Накусо, религијата во која основната догма е дека општеството не постои, неумитно произведува општества што не постојат. И, што да ви кажам: социјализмот е, по сè изгледа, единствената алтернатива за општество што навистина постои, но изгледа како веќе да е доцна за таа ерес. Или, можеби, не е?