Tурбо смог-атомизери за почист воздух – изум на двајца професори

856
20151224 Thursday magla skopje zagadeno zagadenost zagaden vozduh pm chestici chestichki smog

Професорите Коста Митрески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Живко Давчев од Факултетот за земјоделски науки и храна изготвиле проект за прочистување на воздухот со турбо смог-атомизер, преку примена на аeросолна метода.

По двегодишни испитувања кои ги спровеле во Општина Куманово и Општина Аеродром дошле до заклучок дека со нивниот проект може да се намали аерозагадувањето за 30 до 70 отсто.

Испитувањата ги вршеле со позајмена опрема, посочувајќи дека водени од резултатите, претставниците на Општина Куманово одлучиле да ја применат методата во нивниот град, досега, исто така со позајмената машина, а во иднина со турбо смог-атомизер во сопственост на Општината.

Тие денеска нагласија дека добиле донација од „Телеком“ во висина од околу 10.000 евра за набавување на два турбо смог-атомизерa со капацитет од два тонa.

– Ќе биде одлично да се спроведе нашата аeросолна метода, што ќе се користи не само зиме, за намалување на ПМ10 честичките, туку и летно време за чистење на приземен озон што ја надминува границата од 120 микрограми на метар кубен, а, исто така, е еден од петте проблеми за загадувањето на воздухот – истакна Митрески.

Машините ќе се употребуваат преку целата година, бидејќи освен за чистење на воздухот можат да се користат и при чистење на снег, за санација на патишта…

Давчев истакна дека самата метода е имитација на дожд, посочувајќи дека станува збор за мала инвестиција.

За во Скопје се потребни околу шест комплети, трактори и атомизери.

– Пресметката е дека ако еден турбо смог-атомизер се користи во текот на една ноќ трошоците се околу 200 евра – потенцираше Давчев.

На прашањето околу тоа дали Владата и локалната самоуправа имаат слух за проектот што ќе реши проблем со кој се соочува земјата, тие истакнаа дека сега засега речиси никој не покажал интерес, посочувајќи дека сега, по добивањето на донацијата, ќе се обидат да стапат во контакт со општините со цел да им го презентираат проектот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...