Османи: Ако СДСМ е за парламентарни, ДУИ нема да биде против

176

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи повтори дека ДУИ останува на ставот дека предвремни избори не се во интерес на државата, но додаде дека доколку СДСМ одлучи да се оди на избори, тие ќе прифатат.

Османи рече дека партискиот интерес е да има парламентарни избори денеска-утре, бидејќи досега немале таква можност за силна победа како сега, но оти тоа не е државен интерес, туку завршување на процесот за отпочнување претпристапни преговри.

– Приоритет е да го завршиме процесот за почнување преговори со ЕУ. Со предвремени избори сметаме дека свесно ќе го компромитираме тој процес. Начелно сем против  избори, меѓутоа доколку СДСМ денеска одлучи дека се за парламентарни избори ние нема да бидеме против. Но, даваме порака до сите политички партии дека сега е време за фокус на реформската агенда и започнување на преговори оваа година – подвлече Османи на новинарско прашање по семинарот на СЕП и Француската амбасада за подготовка на администрацијата за пристапни преговори.

За тоа колку е добро Македонија да оди на предвремени избори кога се очекува Европската унија да донесе одлука за отпочнување на преговорите и дали тоа ќе влијае на европската агенда, францускиот амбасадор Тимоние вели дека тоа е внатрешно прашање на Македонија.

– Важно е да се продолжи со спроведувањето на агендата на реформите, меѓутоа тоа спроведување да е во духот на зајакнување на националниот консензус, бидејќи еропската идеја е идеја која што обединува, која што го трансформира општеството, идеја на заемно почитување меѓу различните заедници. Нашите пратеници кои се на овој семинар ќе го пренесат напредокот којшто е констатиран и којшто го прави Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Но, исто така, пратениците треба да им објаснат на француските граѓани дека реформите продолжуваат, но тоа не значи дека ќе сакаат да се внесат дополнителни проблеми во ЕУ затоа што со членството во Унијата Македонија ќе има и дополнителна одговорност да испорачува надеж, а токму таа надеж конкретно и денес се остварува – рече Тимоние.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...