Идејата за уметноста и културата како идеална забрана во која може да се делува независно од „надворешниот свет“, како место на некој вонвременски вакуум, некаде оттргнато на страна од турбуленцијата на реалноста во времето и просторот, а посебно од политичките процеси во општеството, секогаш порано или подоцна се покажува како романтична илузија. Практично се работи за една стерилна малограѓанштина, фантазам што ни вели: „јас сум уметник, се движам низ етерични височини, не ме интересира глупавоста и страстите на светот…“ Ама глупавоста и страстите на светот секако ќе бидат тука, и ќе влезат во било чија куќа изградена од слонова коска без чукање, само ако така им се посака, ако треба ќе влезат и со нога, зарем нели тоа до сега го научивме?
Имено, може вие да бегате од политиката до мила волја, ама тоа не значи дека таа тебе ваков каков што си нема да те стигне и пронајде… Па потоа ќе биде тоа што треба да биде.
Еве, да го земеме најсветлиот пример на Министерството за култура и „случајот Златко Теодосиевски“. Златко Теодосиевски е набркан (зошто да се лажеме?) од Министерството за култура затоа што „умните процениле“ дека „нема потреба од негово понатамошно ангажирање како стручно-советодавно лице за креирање на културни политики за 2019 година“. Или во превод: актуелниот министер го брка Златко Теодосиевски од Министерството за култура (министерство за што?), собирајќи некакво танко мнозинство со помош на своите политички сопатници (или каузални сострадалници?). И што се случило потоа? Реваншизам, само што самиот термин „реванш“ овде е дискутабилен, затоа што подразбира „реванш“ за нешто што некој им го сторил ним. Меѓутоа, работите стојат поинаку: во својата ексцентрична глава, видело Министерството дека Теодосиевски е брз, компетентен, модерен и реформаторски способен, па типичната малограѓанска свест го брка човекот образложувајќи ги своите аргументи низ бедно и стерилно писменце. Гледано од „апсолутна“ (субјективна!) позиција и „вонвременска“ правда – така им треба! Не на Теодосиевски, туку на Министерството за култура, се разбира.
Како и да било, до овде се работи за чиста малограѓанска политика на еден пореметен македонски начин. Вистинската причина зошто Златко Теодосиевски не може да работи во професијата за која е компетентен и образован е проста: заради неговите ставови во сферата од културата и политиката.
Ништо Теодосиевски не направил освен што го користел неговото легитимно право на јавно искажан збор, што како граѓанин, што како културен работник и како писател (ergo – „јавна личност“) што го има секое суверено право да објаснува и рефлектира теми од областа на „култур-еколошко-опасни“ бисери во политиката и во културата.
Ако прогонот на Теодосиевски од институцијата за култура го гледаме како чист реваншизам контра способноста и креативноста, односно рефлексија која им се противи на глупавоста и зачмаената тупавост, сѐ друго во овој случај е потполно бизарно и урнебесно смешно, надевајќи се дека нема да предизвика наивни егзистенционални реперкусии за човекот што стана „објект“ на една паланечка „оргијашка тривијалност“. Теодосиевски е набркан од некаков новокомпониран Управен одбор, советодавно тело, или од кого всушност? Што го конституира министерот за култура? Зошто не би можел сега да се отворам „ѓоа мачка у февруар“ и да ја оскористам фантазијата: тамо столуваат фудбалери (фудбалот исто така е дел од културата, само што тамо се обликува телото, а не умот?) инструктори за јога, понекој „певач“ и мултидисциплинарни историчари? Може вака или не може? Навистина, шала на страна, кој столува во Министерството за култура, односно кој го конституира министерот за култура во своите одлуки кога може така фриволно и неписмено да се набрка Теодосиевски?
Има ли во оваа во оваа приказна место за резиме, или пак некакво „наравучение“? Тешко, освен оној факт дека Министерството за култура отсекогаш било место за поткусурување заради партиски комбинаторики кои одат секогаш на штета на самата македонска култура.
А, вие, не грижете се: ниту апсурдното бркање на Теодосиевски како еден од најкомпетентните луѓе во областа на културата никого и ништо нема да го научи, затоа што и понатаму ќе се одвиваат вакви фарсични и парадрамски заплети во овој дел од светот се додека конечно не се разбере една прастара вистина: политиката во својата сериозна смисла е составен дел од културата на една земја. Ако механички ги одвоиш верувајќи дека може да се опстане во делот на апстрактните вистини на меѓупросторот, тогаш, пријателче, земи си падобран: приземјувањето ќе биде неизбежно и тврдо.