Филипче за РСЕ: Лекарката што замина на Хвар згреши

2991

Неодамнешното заминување на лекарка од Македонија на работа во гратчето Суќурај, на островот Хвар во Хрватска, за кој многу се пишуваше во медиумите овие денови,министерот за здравство Венко Филипче не го оправдува. Медиумите пишуваа дека на повикот за општ лекар кој бил отворен половина година, единствено се јавила триесет и шестгодишната лекарка од Македонија. На огласот освен плата и стан, општината понудила и годишен бонус од 6.800 евра. Дел од медиумите објавија дека таа во Македонија работела 11 месеци како доктор во село Бојане и имала плата од 330 евра. По вработувањето таа изјави дека таму ѝ понудиле повисока плата, а и оти амбулантата е подобро опремена.

Коментирајќи го овој случај министерот вели дека мисли оти изборот не е добар.

– Мислам дека начинот не е добар, и веднаш ќе ви објаснам зошто сметам дека не е добар. Станува збор за многу мало место. Ја прочитав објавената сторија, меѓутоа станува збор за некое место кое има многу мал број на жители. Практично капацитетот на таа докторка нема да биде искористен, затоа што нема фреквенција на давање на медицинска услуга – вели министерот Филипче.

Коментирајќи го овоj случај министерот Филипче допoлни дека во државава се разработува модел што треба да обезбеди здравствена заштита за граѓаните во руралните средини и во помалите општини преку мобилни патронажни сервиси на домашна посета.

– Ние во нашата земја веќе промовиравме и пилотиравме еден модел кој ќе го прошириме и во други места. Пилот проектот е во општината Кочани, а тоа се т.н мобилни сервиси. Станува збор за доктори и медицински сестри кои се тренирани да даваат медицинска услуга во смисла на пружање итна медицинска помош на самото место. Притоа ја користиме инфраструктурата на амбулантите кои веќе се празни зашто доктори и сестри одамна или си заминале во пензија или затоа што никој не е заинтересиран да работи на ова место, како што е овој пример кој го кажувате – изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој е гостин во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...