Драг регистриран кориснику, почнува писмото. Подготвени сте за 8 април 2019 година? Веднаш го испуштам од рака и го прашувам мојот законит- што е сега ова, пак нешто сме закашкале со сообраќајот лондонски зашто писмото е од лондонскиот транспорт и потпишано ни помалку ни повеќе ами од генералниот менаџер за наплата за користење патишта и улици Пол Каупервејт. Пол Каупервејт ќе ви се молам, лично и персонално. Добро, потписот е механички и нема печат, ама се важи. Тука одамна „се важат” документи без печат. И без штембиљ, знаете она коцкасто или правоаголно за заверка каде што се запишуваат некои бројки и архивски материјали и има и римски броеви измешано и никој освен заверувачот не знае што и зошто се, која им е намерата и дестинацијата. Имам јас неколку такви коцкесто правоаголни од почетоците на мојата уредничка кариера, ене ги кај мајка ми, заедно со мастилавите перничиња на кои требаше да се удрат ако со хукање не помагаше оти мастилото пресушило и со индигата кои кутрата, не знае што да им прави, а не ѝ се фрлаат. Мислам дека неодамна најде „жртви” за индигата, во Македонски пошти сѐ уште ги користат, па ете, долгогодишните индига ќе си ја најдат улогата, оти таму ѝ ги примија. Со задоволство. За што ги користат, не знам. Печатите и перничињата не ги давам. Си ги чувам за спомен. Зошто, нема поим. Сепак, не сакам низ Скопје да се прошират документи со потпис и печат од БиБиСи!
За чист центар
Писмото, ве слушам како велите, писмото. Значи, во писмото господинот Каупервејт нѐ известува дека од 8 април во Лондон во сила стапува УЛЕЗ (ultra low emission zone), односно по наше УНЗЕ – Ултра Ниска Зона на Емисии која ќе биде во сила 24 часа дневно, седум дена во неделата, цела година, за да се исчисти отровниот лондонски воздух. Па објаснува дека отровниот воздух во Лондон е виновен и придонесува за илјадници предвремени смртни случаи секоја година и го доведува во ризик здравјето на најмладите, на децата.
УЛЕЗ или УНЗЕ по наше, е централната идеја во плановите на градоначалникот на Лондон, Садик Кан,да го исчисти Лондон и да го подобри здравјето на сите лондончани. Па така, организацијата Транспорт за Лондон на ДВЛА, или Агенција за дозволи за возачи и возила или АДВВ ѝи’ го даде списокот на возила кои ги идентификувале како веројатни да бидат засегнати од УЛЕЗ или УНЗЕ по наше, па ете, така тие решиле да не контактираат, да си знаеме.
И што да си знаеме? Дека нивните податоци покажуваат оти нашето возило не ги исполнува бараните стандарди на емисија на штетни гасови, што значи вози наоколу и загадува. Односно кога ние возиме наоколу- загадуваме!
Ова беше голем удар за мојата еколошка свест! Страшен удар! Јас, која своевремено ја започнав акцијата Ден на пролетта- ден на екологијата и уште ги чувам беџевите со ружата како прима инфузија со кислород во едното ливче- ене ги кај мајка ми до печатите. Јас која заедно со мојата Скопска добивме 13 Ноемвриска награда за подигање на еколошката свест?! Јас која помагам и реагирам на секој повик за заштита на природата и рециклирам и тука и таму и имам дебело еколошко досие зад себе, јас да сум загадувач?! Ја гледам паркирана Тојотата пред куќата, сега веќе со други очи, полни со обвинување. Па нели те заменивме ма Тојото од бензинец Тојота во дизелаш Тојота ( верни сме ние на брендот) зашто тогаш низ Европа и тука (Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска секогаш е дел од Европа, референдум или не) се велеше дека овие помалку загадуваат, а ние им верувавме. А сега излезе, опа цупа, фолксваген голф, податоците биле фабрикувани. Дизелот штетен, бензинот, оној квалитетниот, (не ако ти поттурат измешан со нафта за домаќинството па ја возиш цела Црна Гора со 50км на час) бил добар. И сега што правиме Тојото наша мила и драга со која цела Европа ја прошетаме?
Пари или превоз
Ако сакаме да влеземе во централен Лондон со нашето возило, вакво какво што е, треба да платиме 12.50 фунти. За камиони, камионети и автобуси се плаќа 100 фунти дневно. Пхиуу, добро што немаме камион. Или автобус. Ова плус на редовната такса од 11.50 фунти за влегување во центарот на Лондон. Дневно. Да се влезе и да се излезе. Ако сакате уште еднаш, плаќате уште еднаш. Казните ако не се плати се меѓу 65 и 195 фунти. И оваа мерка, која почна во 2003 година е воведена за да се намали загаденоста на воздухот во центарот на Лондон, но не се наплаќа за викенди и празници. Онаа другата, УЛЕЗ Или УНЗЕ по наше, ќе се наплаќа нон- стоп.
И сега што правиме? Не дека секој ден влегуваме со автомобил во централен Лондон, ама обично секој викенд. И не е за плаќањето, макар што и тоа не е за занемарување, туку најмногу што сега дефинитивно знаеш дека возиш и загадуваш. Ти влегоа во свеста и потсвеста и тоа е. Возиш и зад себе шириш отровни гасови. Возењето во Лондон веќе нема да ми биде исто. Некои производители на возила веќе поизведоа дизели кои ги задоволуваат стандардите на Лондон, Берлин и некои други градови каде што не можете да влезете во центарот зашто вашето возило не е пожелно. Вие сте, ама возилото не е. Нашето не е. А така фино, елегантно и недолжно изгледа…
Изборот е следен. Плаќаш. Го оставаш возилото пред врата, во гаража, на улица. Го користиш само за патување надвор од Лондон. Користиш јавен превоз, возиш велосипед или пешачиш. Или купуваш хибрид, на струја, на сончева светлина, на … добро малку претерувам, но купуваш еколошко возило. Може да е и Тојота, да не се расипе традицијата. А во меѓувреме…
Да не сака да купи некој Тојота Рав4, отмено сиво зеленкаста боја, кожни седишта со грејачи, сочувана, мазена пазена, со најскап дизел доена, нашетана- ги знае сите патишта низ Европа а патот до Македонија го наоѓа со заврзани очи, ќе ви биде верна. Услов- да се одбегнува центар на населено место. Шифра- УНЗЕ.