Обвинителот од СЈО, Гаврил Бубевски ќе поднесе кривична пријава за заканите кои вчера во судница ги обелодени неговата колешка Фатиме Фетаи.
Фетаи тоа го соопшти во реакција до медиумите како одговор на демантот на Мафаиљ Арслани, адвокатот на функционерот од ДУИ, Ејуп Алими, но и додава дека и таа по целосното расчистување на случајот ќе го тужи Арслани за клевета.
Вчера во расправија во судница за тоа кој колку се заложил да го обезбеди еден од клучните сведоци во предметот „Титаник 3“, обвинителот Бубевски прв ги спомена заканите, а на прашање на адвокатот „Кој се заканувал“, возврати Фетаи.
„Па ти беше тој што ми ја пренесе заканата дека ’ти си наша ти, може лесно да поминеш, ама на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата’“, кажа таа.
По рочиштето, Бубевски најави дека ќе поднесе пријава за упатените закани.
Арслани преку писмена изјава ги демантираше наводите од обвинителите и посочи дека Фетаи лаже и сака само медиумски простор. И тој рече дека ако обвинителите не поднесат ништо, тој ќе покрене тужба оти му го нарушиле угледот.
„Во врска со „демантот“ на адвокатот Мефаиљ Арслани, во кој, со прилично дискутабилен речник изнесува навреди спрема мене, наведувам дека јас во целост стојам на она што во текот на вчерашниот ден го кажав дека се случило. По барање на обвинителот Гаврил Бубевски дадов и изјава за настанот, како истиот би ја поткрепил пријавата која сака да ја поднесе“, наведува обвинителката.
Таа посочува и дека за целиот настан има уште еден сведок кој ја дава истата изјава.
„Настанот, кој се одвиваше на паркингот кај Т.Ц. Мавровка (во близина на местото каде што живеам) е случен во првата половина на ноември минатата година и доколку сум сакала медиумска покриеност, како што тврди адвокатот Арслани, ќе ги известев медиумите веднаш. Сепак, заради фактот што во тој момент не бев сигурна во каква психичка состојба (афект, очај и сл.) истиот ги кажува заканите, сметав дека не е потребно да реагирам, како не би му нанела ненадоместливи последици по неговата кариера. На истиот став беше и обвинителот Бубевски, кој од овие причини и не поднесе пријава во тој момент. Сепак, имајќи го предвид целокупното однесување на адвокатот после овој настан, обвинителот Бубевски оцени дека треба да го пријави настанот“, наведува Фетаи.