ВМРО-ДПМНЕ чека уште кандидати во претседателскиот барабан и ветува фер плеј пред делегатите

497

ВМРО-ДПМНЕ очекува до крајот на јануари, до кога е отворен јавниот повик за пријавување кандидати за шеф на државата, да се пријават и други во трката за наследник на Ѓорѓе Иванов, откако во барабанот на палатата Христо Татарчев влегоа кандидатурите на пратеникот Влатко Ѓорчев и на уште еден кандидат чие име не ѝ е познато на јавноста.

На прашање на Плусинфо дали ќе му даде поддршка на младиот и амбициозен кандидат за претседател Влатко Ѓорчев, лидерот Христијан Мицкоски сѐ уште не даде одговор.

Портпаролот на партијата Наум Стоилковски вели дека во интерес на демократската процедура и според одлуката на Централниот комитет на партијата, донесена на последната седница одржана на 22 декември 2018 година и врз основа на партискиот Статут, сите кандидати кои ги исполнуваат условите и кои се пријавиле на јавниот повик, ќе имаат еднакво право да ги презентираат своите план и програма пред партијата. Конечната одлука ќе ја донесат делегатите на партиската Конвенција на 16 февурари во Струга.

– Конвенцијата ќе го даде името на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ многу високо го крена демократското ниво за  избор на кандидат за претседател и неблагодарно е да се споменуваат имиња на кандидати, пред одлуката на делегатите на конвенцијата во Струга. Сега е многу поважно прашањето дали ќе се обезедат услови за фер и демократски избори – вели Стоилковски.

Пратеникот Владимир Ѓорчев завчера објави дека има искуство, знаење, желба и капацитет да ја води државата во следните пет години. Ѓорчев потсети и на победничкиот тренд што го покажал како носител на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во пет изборни циклуси. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за претседател на Македонија Ѓорчев, повикувајќи се на својата мотивацијата, чесност, лојалност, љубовта кон Македонија побара поддршка од сопартијците, од младите, но и од сите граѓани кои сметаат дека во државата не смее да се дозволи апсолутна власт.

Неофицијално, како можни кандидати во трката за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ се споменуваат и тројца универзитетски професори од Правниот факултет – Саво Климовски, кој од 1998 до 2000 година беше и претседател на Собранието, како и професорките Гордана Силјановска и Тања Каракамишева.

Според одлуката на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на Конвенцијата на 16 февруари во Струга ќе учествуваат и одлучуваат 550 делегати. Принципот за избор е тајно гласање, а за избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати.

Ако ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број гласови или ако кандидатите добијат еднаков број гласови, гласањето се повторува. Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови во првото гласање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...