Последните 24 часа на Клиниката за инфективни болести се третирани осум нови пациенти со симптоми на морбили. Од нив, двајца се хоспитализирани, а останатите шест се пуштени на домашно лекување.
Директорката на Клиниката за инфективни болести Милена Стефановиќ денеска на прес-конференција информира дека на Клиниката има вкупно 20 пациенти заболени од морбили со потешка клиничка слика. Само едно дете е со потешка клиничка слика но, според последните информации, неговата состојба е стабилизирана.
Од вчера има и два нови случаи на заболени деца на Клиниката за детски болести. Нивната состојба е стабилна и само кај едното има акутни симптоми на морбили.
– Тоа се деца од хематоокнолошкиот оддел кои се заболени во тек на примање на терапија. Ова се деца кои престојуваат на Оддделот за хематоонкологија и кои за викенди одат во дневна болница и доаѓаат – информира д-р Катерина Ставриќ, директорка на Клиниката за детски болести.
На Клиниката за детски болести од почетокот на епидемијата се регистрирани вкупно осум случаи на вработени заболени од морбили, главно доктори и персонал кој работи во општата амбуланта. Меѓу нив, лицата кои се родени по 1982 година имаат примено две дози вакцина, но има и постар персонал кој има примено само една доза од вакцината.
Лекарите истакнуваат дека ситуацијата будно се следи и се држи под контрола. Предупредуваат дека се работи за тешка и непредвидлива болест поради што апелираат на вакцинација.
– Апелираме сите граѓани кои не се сигурни во својот вакцинален статус и родители кои имаат невакцинирани деца, да се вакцинираат во најбрз можен рок – рече докторка Стефановиќ.
Поради зголемниот број пациенти заболени од морбили, во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Ѓорче Петров“ се воведени дежурства од 19:30 до 07:30 часот, а за викендите ќе работат 24 часа.