Внимавајте кога се паркирате пред некоја зграда во општина Кисела Вода посебно, дури и ако паркинг просторот не е ограден и обележен, може вашата кола да ја најдете со дупнати гуми или оштетена од некој станар кој мисли дека паркингот е негов. Вакво предупредување до редакцијата на Плусинфо дојде од граѓани кои доживеале незгода откако се паркирале пред зграда која противзаконски ја оградиле станарите и определиле кој од нив каде ќе се паркира. Во општината Кисела Вода велат дека граѓаните треба да пријават во инспекциските служби, зашто оградување и блокирање на слободен паркин простор пред зграда не е дозволено.
– Дел од станарите на зградата во која живеам си определиле дека слободниот простор пред зградата е нивен паркинг и дека тука не смее да се паркира никој друг шо не живее во зградата. Вчера ја паркирав колата на еден слободен паркинг, а денеска ја најдов со дупнати гуми. Овој паркинг преходно беше узурпиран од станарите на зградата кои поставиле рампа, но Општина Кисела Вода ја урна рампата зашто беше поставена нелегално. Тоа е слободен паркинг додека општината не реши поинаку. За жал, не е ваква состојбата само пред зградата во која живеам. Така функционираат и другите згради – вели жител на една од зградите во Кисела Вода каде што слободниот простор пред зградата незаконски е ограден и наменет за паркирање.
Проблемот во оваа општина датира од поодамна.
– Во изминатиот период еднаш дојдоа инспектори и забранија да се оградува паркингот и да се обележуваат места, но на тоа заврши. Сега повторно се случува истото – вели граѓанин кој не може да се паркира на паркинг место иако тоа е празно со денови оти неговиот сосед ставил блокатор и го резервирал местото за себе.
Од општината Кисела Вода, пак, велат дека станарите кои сметаат дека слободниот простор пред зградата е узурпиран од нивните соседи или од други треба да се јават во инспекцискиот сектор за да се реши проблемот.
– Доколку до нас стигне пријава за ставање блокатор или за заградување на паркинг место со синџири, нашите инспектори веднаш ќе излезат на терен и ќе им наложат на станарите кои ги имаат поставено да ги отстранат – велат од општината.
Во општината немаат информација колку од паркинзите пред зградите се узурпирани од станарите, но појаснуваат дека според законот може да се огради само градежна парцела, но не и паркинг место.
– Имено, сите одобренија за градба се издаваат по претходно регулирано паркирање за возила на станарите – велат од општина Кисела Вода.