Предлогот на пратеничката на ДУИ Мирсада Емини Асани во Програмата за одбележување на годишнини на значајни личности и настани, да влезе и стогодишнината од смртта на Исмаил Ќемали, политичар и преродбеник од Албанија ја прекина седницата на собраниската Комисија за култура.
Асани инистираше да се одбележи смртта на Ќемали, за кој како што рече, прв го развеал знамето на Албанија во Валона и е значаен за Албанците на Балканот.
Претседателката Комисија за култура Ирена Стефоска рече дека предлогот не го исполнува критериумот значајна личност за историјата на Република Македонија затоа што неговата активност не се поврзува со нашата земја.
– Нема никаков проблем за угледот, личноста и делото за националната историја на Албанците на Балканот. Можеби стоте години ќе ги одбележат некои општини или училишта, но овде разговараме за Собранието на Република Македонија како дом на сите граѓани и се обидуваме да ги најдеме и да се потсетиме на личностите и настаните врзани со историјата на Македонија. Не се спорни неговиот лик и дело, но согласно постојните критериумите ние не можеме да го прифатиме – рече Стефоска.
Предлогот не беше прифатлив ниту за пратениците Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ и за независниот Ферид Мухиќ.
Откако пратеничката од Незвисните Никица Корубин предложи утврдените критериуми за значајност и за временски интервал за годишнини да се либерализираат зашто се застарени и ригидни, а Емини Асани побара тоа да се направи веднаш и да ја одложат седницата, пратеникот Мухиќ рече дека за промена на критериумите може да се пристапи за следната година, а дека денеска треба да се разгледува веќе подготвената Предлог-програма.
– Мислам дека треба да ја завршиме со дадените предлози. Овој апсолутно не се вклопува во критериумите и во насловот на програмата. Ако одиме кон либерализирање и менување, тогаш нека биде за понатаму, можеби за следната година, откако за тоа ќе отвориме суштинска расправа – рече Мухиќ.
На Фејсбук, пак, лидерот на ДУИ Али Ахмети објави фотографија на која е застанат пред портретот на Ќемали.
– Денеска кога се навршуваат 100 години од смртта на најголемата фигура на независноста, сите помен активности ќе ги реализираме во духот на одбележувањето на 100-годишнината од смртта на мудриот старец од Валона, на архитектот на независноста, Исмаил Ќемали, напиша Ахмети.