Поддржувачите на договорот за името со Грција се на вистинската страна на историјата и ќе дојде време кога и нивните критичари ќе се согласат со тоа, истакнува министерот за надворешни работи Никола Димитров во изјава за АФП.
Димитов вели дека верува оти противниците, вклучително и критичарите во Македонија кои на промената на името гледаат како на срамна отстапка, еден ден ќе се уверат во спротивното.
– Чувствувам дека сигурно сум на вистинската страна од историјата за ова и мислам дека неколку години од сега … дури и оние што сега се гневни противници, ќе кажат „изгледа дека тие беа во право“ – наведува Димитров.
Доколку Грција го ратификува договорот, тогаш, пишува АФП, се очекува Македонија брзо да стане член на НАТО и сите погледи да се свртат кон Брисел, од каде минатата година беше најaвeно дека ќе ги почнат преговорите за членство во ЕУ со Македонија во јуни 2019 година.
Димитров предупредува дека доколку ЕУ не ги почне преговорите за членство со Македонија, ќе има „пад на кредибилитетот на целиот пристапен процес“.
– Ние ќе дадеме се од себе да направиме да биде речиси незгодно за која било земја членка на ЕУ да не даде согласност – изјави Димитров.
Шефот на македонската дипломатија признава дека Македонија треба да спроведе сериозни реформи пред да се приклучи на Унијата, но нагласува дека „се што сакаме е да го почнеме патувањето“.
Во изјавата за АФП, Димитров повикува и другите земји да го следат моделот на Договорот од Преспа, посочувајќи дека е неопходно брзо делување за големиот број проблеми од дипломатски спорови, до проблемите во образованието и здравството, со цел да се спречи егзодусот на млади од регионот.
– Додека ние ја завршиме дебатата за тоа која е најстарата нација, сите наши помлади генерации ќе бидат во Германија или некаде на друго место – вели Димитров.