Владата потврди дека до премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи стасало посмо од Венецијанската комисија, но демантира дека со писмото се праќа порака да нема притисоци врз професорката Тања Каракамишева, која е национален претставник во тоа тело. Неофицијално, се очекува Владата да ја објави содржината на писмото од Венецијанска до Заев и Османи.
– Пристигнато е писмо до Министерството за надворешни работи кое е препратено до кабинетот на претседателот на Владата и до заменик-претседателот. Содржината на писмото е објаснување на постапките за гласање во Венецијанската комисија – велат од Владата за Плусинфо.
Професорката Каракамишева на Фејсбук објави дека Венецијанската комисија испратила писмо до вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и до премиерот Зоран Заев, дека не е дозволен владин притисок врз национален претставник на ова тело.
Реакцијата на Венецијанската комисија следи по изјавата на вицепремиерот Османи дека добро би било Законот за јазиците и одредби за банкнотите и униформите да не се испратат во Венецијанска се додека нејзин член е професорката Каракамишева.