Милошоски: Влатко Ѓорчев достоинствено го следи примерот на Борис Трајковски

336
20150915 Tuesday 1311 sobranie pratenici Antonio Miloshoski Milososki

Антонио Милошоски ја поддржа кандидатурата на Влатко Ѓорчев за претседател на државата.

Тој на својот профил на „Фејсбук“ му честиташе на Ѓорчев и најави дека ќе гласа за него на конвенцијата во Струга.

„Колегата Владимир Ѓорчев се пријави за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на партиската конвенцијата. Му честитам за мотивираноста и како делегат на Конвенцијата во Струга ќе ја има мојата целосна поддршка.

Најбитното за ваквата поддршка е тоа што со Ѓорчев споделуваме блиски гледишта за надворешно-политичките приоритети на Република Македонија (втемелени на македонско-американското стратешко партнерство што го потпишав во 2008 година, стратешкото партнерство со Турција, партнерските односи со државите членки на ЕУ и определбата за проактивна мултилатерална дипломатија во ОБСЕ, ОН и Советот на Европа).

Го ценам тоа што Влатко Ѓорчев како личност цврсто се залага за промоција на семејните вредности како темелна основа во општеството, а како пратеник одлично знае што значи да се биде непосредно избран од граѓаните, како темелна вредност во демократијата.

Негласањето на незаконскиот референдум, каде мнозинството Македонци јасно беа против октроираниот проект на Заев за менување на уставното име на Македонија, беше правилен став и на Влатко Ѓорчев, но и став на најголемиот број на гласачи во цела држава.

Од 2006 -та наваму Ѓорчев успешно го потврдува неговиот изборен легитимитет, а довербата од гласачите со победнички резултат ја има потврдено како во третата, така и во шестата изборна единица.

Како секретар за меѓународни односи на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев има стекнато значајно искуство и ценам дека достоинствено го следи примерот на Борис Трајковски, кој го постави колосекот на партиските меѓународни контакти пред да биде избран за претседател на државата.

Убеден сум дека Владимир Ѓорчев има потенцијал да ја добие поддршката на најголемиот број на делегати на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ на 16 -ти февруари во Струга. Со среќа и со успех!“, пишува Милошоски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...