Германската владејачка партија ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел ја повика грчката опозициска партија Нова демократија да гласа за Договорот од Преспа во Парламентот на Грција. Договорот ја отвора вратата за прием на Македонија во НАТО од што корист ќе има и Грција, порачаа високи претставници на ЦДУ во апелот до Нова демократија, сестринската партија во Алијансата на европските народни парии.
– Пратениците во грчкиот Парламент имаат историска шанса да гласаат за Договорот од Преспа кој дава уникатна можност за исполнување на евроатлантската перспектива на Македонија. И покрај фактот што лидерот на најголемата грчка опозициска партија кажа дека неговата парламентарна група ќе гласа против, ние сме уверени дека Европа ќе има корист од овој договор – вели германскиот европратеник од ЦДУ, Дејвид Мекалистер.
Пратеникот во германскиот Бундерстаг Јирген Хард, пак, изјави дека изгласувањето на Преспанскиот договор ќе овозможи зачленување на Македонија во НАТО, што ќе значи и поголема безбедност и за Грција.
Според Флоријан Хан од Комитетот за европски прашања во германскиот Парламент, Преспанскиот договор претставува „вин вин“ ситуација и за Скопје и за Атина.
– Треба да им биде јасно на сите грчки партии вклучувајќи ја и Нова демократија дека е во интерес на Грција ако Македонија конечно се интегрира во НАТО и во ЕУ. Корист од отфрлањето на Договорот би имала само Русија и нејзините геополитички интереси на Балканот – вели Хан.