Професорката по уставно право Тањан Каракамишева на Фејсбук објави дека Венецијанската комисија испратила писмо до вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и до премиерот Зоран Заев, дека не е дозволен владин притисок врз национален претставник на ова тело.
Реакцијата на Венецијанската комисија следи по изјавата на вицепремиерот Османи дека добро би било Законот за јазиците и одредби за банкнотите и униформите да не се испратат во Венецијанска се додека нејзин член е професорката Каракамишева.
– Додека Каракамишева е претставник на Македонија во комисијата ништо не треба да се прати од овој закон, бидејќи таа веќе се обидува да направи субјективно влијание во однос на законот и јас сметам дека нема да има, барем кај граѓаните перцепција и објективност во проценката – изјави неодамна Османи.
Каракамишева му одговори дека национален претставник, нема право да гласа за мислење на закон што доаѓа од државата од кој е испратен претставникот.