Саше Ивановски, сопственикот на порталот Мактел, во вторник е повикан во Основното јавно обвинителство во Охрид, во својство на осомничен, поради скандалозните написи за семејството на Саше Денесовски, сопственик на порталот Охридскај.
Денесовски соопшти дека по собраните докази и по вештачењето, во ОЈО во Охрид е поднесен обвинителен акт против Саше Политико, при што како директно оштетени се појавуваат десет лица. Ивановски наводно уредно ја примил поканата.
Денесовски, кој од Саше Политико беше наклеветен за монструозни злодела кон своите ќерки, ги повика новинарските здруженија да го проследат соочувањето на сопственикот на Мактел со охридскиот обвинител.
Ако не дојде доброволно, Ивановски ќе биде стражарно доведен, тврди сопственикот на Охридскај.
Нема нови информации за тоа до каде е расчистувањето на случајот на семејно насилство во домот на Ивановски, што сопружниците јавно го обелоденија со меѓусебни обвинувања.