Циниците би рекле, конечно добри вести од Русија: официјалните закани на Москва кон Македонија сведочат дека нашата интеграција во НАТО се одвива во позитивен правец, со брзина којашто влегува во некаков претпоставен финиш, неповолен за геополитичкиот резон на Русите на Балканот.
За оние кои не разбираат, да преведеме дека од Русија најавените „негативни последици за регионалната безбедност“ и оние врз „билатералните односи“, во практика, значи дека Москва го вклучува „зеленото светло“ за дестабилизација на Македонија. „Од тука натаму“, ни велат Русите со заканувачки дипломатски речник, „сѐ што ќе ви се случи, самите сте си го барале!“
Бидејќи сега и најофицијално знаеме дека сака, прашањето е колку може Русија, реално, низ Македонија, да ја блокира нашата намера за влез во НАТО? Покрај постојаните антизападни пропагандни активности во земјава, имаат ли Русите теренски оперативни ресурси овдека за наша политичка и безбедносна дестабилизација?
Такви податоци не се во доменот на јавните информации, но некои работи можат да се претпостават. На пример, не би било за изненадување да се оди на тоа внатрешно-политичката состојба толку да се „расклати“, што на НАТО да му биде неодржливо да нè покани и верификува во својата безбедносна алијанса. Во таа смисла, за очекување е дека главната точка на обидот за дестабилизација ќе бидат македонско-албанските односи. Таа област е безброј пати потврдена како доволно потентна за емотивни и политички манипулации, на кои наивните се „лепат“ како муви на лепешка. Тоа, во комбинација со „болката за името“, е идеална рецептура за дестабилизација!
Не би требало да има изненадувања и околу политичкиот, партискиот, етничкиот, образовниот, статусниот или некој друг бекграунд на пропонентите на обидот за дестабилизација – ќе се најдат во тоа и Албанци и Македонци и академици и пратеници и новинари и спортисти и учени и без школо и владини и невладини и бивши и сегашни, од претседателот на државата, па надолу… (Кој го спомна претседателот на државата?!)
Додуша, сличен план во Црна Гора веќе пропадна (со малку среќа за Црногорците, бидејќи таму се случи правовремена „провала“ меѓу руско-српските пучисти, што доведе до потполно осуетување на подготвената егзекуција на превратничкиот план). Некои проценки говорат дека руските дестабилизирачки капацитети во Македонија се, сепак, далеку поскромни од оние што им беа на располагање во Црна Гора.
Но, „Мечката“ не треба да се потценува. Им треба на Русите таа балканска оска на нестабилност, од Македонија, преку Косово, Санџак и Босна, до Република Српска. Па, иако Путиновиот режим знае да „пука“ и повисоки цели од објективната сила со која располага, факт е дека одамна не мавтаат наоколу само со икона и секира. Гледаме дека, во глобални рамки, нивната комбинација на развиена технологија, заканувачка сила, нешто пари и многу бескрупулозна пропаганда, со правилно избрани локални сојузници, знае да го даде посакуваниот дестабилизирачки ефект.
Друга работа е што и ние, па, сме многу тешки за дестабилизирање, џанам! Да нѐ дувнеш, настинка фаќаме; ластик да ни удриш, во кома паѓаме; да ни прднеш, половината одма се отрувме! Ние и без Путин доволно сме самите смотани за да си го блокираме патот за НАТО. Со овие политички водства сега, можеби повеќе од кога и да било.
Единствено што на балкансково буниште сме фрлени со троа к’смет, па сѐ, некако, се провлекуваме низ иглени уши. Така ќе биде и овој пат, тавариш Путин, во името на македонско-руското пријателство!