Катругалос: Грција има и правна обврска да стигне до решение

148

Овој договор беше постигнат благодарение на политичката храброст и раководството на Алексис Ципрас и на Зоран Заев, но и на преговарачката способност на Никос Коѕијас кој го постигна она што премиерот Самарас го сметаше за несфатливо, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во неговото обраќање во грчкиот Парламент за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа.

Катругалос истакна дека со Договорот од Преспа, за 110 проценти ги задоволува грчките национални цели од 2007.

– Договор покрива 110% од националните позиции, национално е корисен, го зајакнува меѓународниот авторитет на нашата земја и носи мир и стабилност во регионот – рече алтернативниот шеф на грчката дипломатија.

Катругалос објасни дека Грција има улога на Балканот за гарантирање на стабилност и мирот во регионот, а во исто време затвора спор за кој земјата има и правна обврска да стигне до решение.  Оваа правна обврска, додаде Катругалос, произлегува од резолуциите на ОН од 1993 и од Времената спогодба, а ја спомена и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг за прекршување на спогодбата.

– Ужасно лицемерно и апсурдно е да сметаме дека е опасност за нас земја што има 17 пати помала економија од нашата и во суштина, непостоечки воени мерки. Со Договорот од Преспа, нашата земја се враќа на Балканот како земја што дава тон за мир, не за војна и распаѓање. На овој начин ја зајакнуваме нашата дипломатска позиција и целиот овој дипломатски капитал што го трошевме до сега за прашањето за името, сега можеме да го искористиме онаму каде што навистина се нашите основни национални прашања- на исток – рече Катругалос, пренесе МИА.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, во говорот одговори на аргументите од пратениците на опозициските партии поврзани со Договорот од Преспа, особено за оние од Нова демократија за признавањето македонска националност и македонски јазик, јави дописничката на МИА од Атина.

– За националноста, очигледно е договорот го решава на конечен начин единственото прашање што може да го регулираат државите. Државите признаваат држави, државите не признаваат народи. А за името на соседната земја, решението е конечно и неповратно. Нема веќе на телевизиските екрани, кога игра репрезентацијата на другата земја, да го гледаме она што го стававте за да се покриете името на земјата – рече Катругалос

Во однос на македонскиот јазикот, алтернативниот шеф на грчката дипломатија рече дека ја доставил одлуката од Конференцијата на ОН за употреба на топонимите.

– Зошто во 1977 година беше направена оваа отстапка? Од едноставна причина што грчката десница уште од многу порано го имаше прифатено терминот македонски јазик – рече Катругалос и спомена дека уште во 1959 тогашниот министер за надворешни работи говорел за македонски јазик.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...