На расправата за ратификација на Договорот од Преспа пријавени за збор се 205 од 300 пратеници колку што брои грчкиот Парламент, а обраќање ќе имаат и координаторите на партиите, министрите во Владата и лидерите на политичките партии, така што претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис најави дека дискусијата наместо предвидените 28, може да трае и над 32 часа, доколку не се случи нешто непредвидено, но додаде дека нема промена на одлуката гласањето да биде утре вечер, јави дописничката на МИА од Атина.
– Одлуката е утревечер да биде гласањето. Ова е одлуката и ја кажувам директно. Но, бидејќи од вчера и сите го знаеме тоа, се споменуваат различни сценарија за тоа што може да се случи во меѓувреме во текот на процесот, дали за предлози за недоверба или други работи. Што е до мене во никој случај, освен ако нема друга интервенција, нема причина гласањето да не биде утре вечер во било кое време – рече Вуцис и објасни дека расправата денеска може да трае и до 1-1.30 часот по полноќ.
Уште од понеделникот напладне, откако и официјално беше соопштено дека започнува процесот на ратификација на Договорот од Преспа, во новинарските кругови во грчкиот Парламент се појави шпекулација дека опозициската „Нова демократија“ можно е да поднесе иницијатива за гласање недоверба на Владата, јави дописничката на МИА од Атина. Информацијата, тогаш не беше потврдена, ниту пак демантирана од членови на грчката опозициска партија, а вчеравечер и рано утрово кулминираа сценаријата, особено по изјавата на Мицотакис од Солун дека Нова демократија ќе направи сѐ што може за да не се ратификува Договорот од Преспа.
Евентуалната иницијатива за гласање недоверба на Владата би ја поддржале и лидерите на Река и Независни Грци, Ставрос Теодоракис, односно Панос Каменос.
Според грчкиот Устав и Деловникот на Парламентот, пренесува МИА, доколку биде донесен предлог за гласање недоверба, тогаш расправата што е во тек се прекинува и во рок од 48 часа, парламентот треба да го започне процесот за гласање недоверба кој трае максимум три дена и завршува со гласање. Потоа, ќе продолжи расправата што претходно беше прекината, односно расправата за ратификацијата на Договорот од Преспа.
Со ова, само би се одложило гласањето за ратификацијата, кое наместо утревечер, би се одржало најдоцна во понеделник, во зависност од тоа кога би била доставена иницијативата и кога би започнала расправата за недоверба.