Малите партии кројат планови за претседателските, ама не сакаат да играат како Брегалница-Барселона

459

На три месеци пред претседателските избори за кои е речиси извесно дека владејачката коалиција во трката ќе влезе со консензуален кандидат, малите партии кројат планови за самостоен настап во април.

Партиите сѐ уште не откриваат детали за нивните планови, но во битката за наследник на Ѓорге Иванов со свои кандидати можно е да излезат ЛДП и ГДУ, а во партијата на Павле Трајанов и во ДОМ во тек се внатрепартиски анализи по кои се очекува да објават конечна одлука дали ќе го поддржат кандидатот на големите партии или ќе бијат битка самостојно.

ГДУ како нова партија на македонската политичка сцена повеќе од една година се залага за промена на изборниот модел како нужен предуслов за развој на демократијата, но не поддржува ниту консензуален кандидат за претседател, дури сметаат дека ваквиот неофицијален предлог на владејачката коалиција е директен удар на демократски и фер избори.

Ако планот на владејачката коалиција за консензуален кандидат се реализира, претседателот на ГДУ Петар Колев на прашање на Плусинфо, дали ќе го поддржат таквиот кандидат вели дека дополнително ќе донесат одлука за тоа партиските органи. Сепак, истакнува дека ГДУ размислува да настапи самостојно зошто има во план да номинира сериозен и почитуван кандидат за шеф на државата. Ако се организираат фер и демократски избори, вели Колев, ГДУ во трката за претседател ќе кандидира реномиран универзитетески професор, поранешен дипломат или познат лекар, почитуван во земјава, но и во странство.

Предлогот за консензуален кандидат според претседателот на ГДУ е недемократски потег, а влегувањето на малите партии во барабанот, го споредува со фудбалски натпревар помеѓу светскиот фудбалски гигант Барселона и македонскиот второлигаш Брегалница.

– Трката за претседателски избори со консензуален кандидат е исто како да играат Брегалница – Барселона со резултат 3 спрема нула на кој граѓаните за 50 евра ќе гледаат наместен фудбалски натпревар. Консензуалниот кандидат не е во духот на заложбите на ГДУ за демократски и фер избори – смета Колев и потсетува дека според лондонски „Економист“ Македонија живее во хибриден режим.

Маја Морачанин, претседателка на ДОМ, вели дека до крајот на неделава партијата ќе донесе одлука дали ќе излезат со свој кандидат, но истакнува дека за ДОМ како зелена партија од суштинско значење е кандидатот за претседател кој би го поддржале, освен да биде личност со интегритет кој ќе ги претставува сите граѓани, да биде и борец за заштита на животната средина.

Павле Трајанов за Плусинфо вели дека во Демократскиот сојуз прво ќе направат анализа и проценка, а потоа ќе одлучуваат дали на изборите ќе излезат со свој кандидат или пак ќе дадат поддршка на кандидат кој ќе биде најсоодветен за претседателската функција.

И Горан Милевски, лидерот на ЛДП вели дека отворени се сите опции, а партијата наскоро ќе донесе одлука како ќе настапи на претседателските избори.

Ако Либерално-демократската партија на претседателските избори настапи самостојно, како најсериозен нејзин кандидат се споменува поранешната пратеничка Ангелка Пеева Лауренчиќ.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека во петок ќе заседава Централниот одбор на партијата и веројатно ќе донесе одлука дали да се прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, но ќе се разговара и за претседателските избори. Неофицијално, во јавноста се свртеа неколку можни кандидати за претседателски кандидат на владеачката коалиција – Шеќеринска, Димитров, Спасовски, Пендаровски, професорот Денко Малески како консензуален кандидат и предлог на ДУИ.

Во битката за претседател како кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега е извесно дека ќе влезе пратеникот Влатко Ѓорчев, а се споменуваа и имињата на професорите Гордана Силјановска, Тања Каракамишева, Саво Климовски, а универзитетскиот професор Јове Кекеновски како кандидат на Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателските избори треба да се распишат на 8 февруари, за да се одржат на 21 април.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...