Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната прес-конференција изјави дена не смета дека Владата постапила спротивно на Уставот со тоа што го испратила Законот за употреба на јазиците во Венецијанската комисија откако истиот е донесен.
– Сметам дека во смисла на уставноста, постапката за упатување на било кој законски проект во комисијата нема никаква пречка и спротивност со уставот. За поконкретни причини ќе се обратите до Владата. Сувишно е да се произнесе собранието за надлежностите на Владата – изјави Џафери.
Претседателот на Собранието одговараше и на прашања за тоа кога ќе почне да се користи албанскиот јазик како службен јазик во законодавниот дом. Тој посочи дека е потребно да се подготват собраниските служби, но потсети и дека веќе ги користел двата јазика.
– Јас сум ги користел комбинирано двата јазика уште од 2017 кога бев избран. И кога немаше закон ја водев седницата комбинирано. Немало пречка околу тоа. Но како законодавен дом, мораме да почекаме законски да се имплементира – рече Џафери.