Политички консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Украина, беа одржани вчера во Киев помеѓу државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Виктор Димовски и заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Васил Боднар.
Димовски и Боднар изразија заемно задоволство од позитивниот тренд и динамиката на билатералните односи и го реафирмираа интересот за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и соработката во сите области од заемен интерес. Посебен акцент беше ставен на економската соработка и во тој контекст на претстојната средба на мешовитиот комитет за спроведување на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Украина.
Воедно, беа разменети мислења и за други актуелни теми од меѓународните односи, внатрешно политичките и економски состојби во двете земји, како и за актуелните регионални прашања. Во овој контекст украинската страна информираше за предизвиците со кои се соочува на безбедносен план, како и за тековните напори за нивно надминување.
Во рамките на политичките консултации беше потпишан План за консултации помеѓу двете министерства за надворешни работи за периодот 2019-2020 година.