Вештиот наод е изработен од економскиот вештак Величе Николовска од „Синопсис Скопје“ и денеска е доставен до судот, по што е даден на овластен судски преведувач на албански јазик и ќе биде даден на обвинетите со цел да се запознаат со истиот и подготват за следното рочиште.
Судијата Огнен Ставрев, на денешното рочиште, информира дека со тоа се исцрпува листата на докази и закажа уште две рочишта за 8 и 15 февруари, кога ќе бидат изведени завршни зборови на СЈО и одбрната.
Обвинетиот Бедредин Ибраими, реагираше пред судот дека му останува должен и дека не прифатил да биде изведен ниту еден од неговите предложени материјални докази.
– Не ми дозволивте коректна и чесна одбрана. Зошто упорно се крие тој доказ што јас го барам. Ова е од формален, не навлегува во материјален дел. Ние овде од почеток не требаше да слушаме како таму некој по кафани разговара за тоа какви одлуки треба да носи ДИК. Кој ќе ги плати сите овие трошоци. Некој сакаше голема, а гледаме испадна мала свадба. Сите видовме дека не се работи за големи финансиски проневери, туку за законска одлука на ДИК – изјави Ибраими.
Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.