Заев до Османи: Нема да трпам национализми и китење со туѓи перја

4064

Премиерот Зоран Заев му порача на вицепремиерот Бујар Османи да не се кити со туѓи перја кога станува збор за Законот за јазиците оти за него гласале сите владини партнери. Заев му забележа на Османи и за тоа што свика координативно владино тело за имплементација на Законот за употреба на јазиците само со министри од ДУИ, но не и од СДСМ и од другите коалициони партнери.

– Има криза заради тоа што некои политичари сакаат да се китат и со туѓи перја. Овој закон не е на ДУИ, овој закон е и на СДСМ, на Зоран Заев, на Беса, на сите што сме внатре, турска, пензионерска партија….Сите го поддржавме, сите го гласавме и мора да биде во духот на „Едно општество за сите“. Не ми требаат мене национализми од ниедна страна, затоа што кога повикав да одработиме како партнерство за државата, една од работите за кои што се согласивме е да градиме едно општество за сите. Како што јас како Македонец внимавам на моите сограѓани Албанци, така и колегите Албанци треба да внимаваат на сограѓаните Македонци – рече Заев во емисијата 200 на Алсат.

Тој потврди дека и СДСМ ќе формира свое координативно тело затоа што Законот за употреба на јаиците бил и нивен производ. Покрај Османи, на координацијата присуствуваа и министерот за образование, Арбер Адеми, пратеникот, Артан Груби, поранешниот министер за правда, Билен Салији, како и други претставници на институциите и експерти Албанци. По реакцијата во јавноста вицепремиерот изјави дека телото ќе се проширува со други функционери.

Заев рече дека намало меѓукоалициски проблем одлуката на Владата да го испрати Законот на мислење во Венецијанската комисија, посебно за членот 8 за употребата на албанскиот јазик како службен на банкнотите и полициските униформи. Од ДУИ барале да не се избрува со оваа одлука или да се испратат само делови од законот, но премиерот инсистирал дека не треба да „се работи шверцерски со овој акт“.

– Мораме да видиме дали членот 8 е во согласност со европските прописи, бидејќи нашите службеници од бебедносните органи учествуваат и во задачи во странство, а исто така и националните банкноти циркулираат во странство – наведе Заев.

Османи во понеделникот ијави дека е против идејата за брзо испраќање на законот на мислење во Венецијанската комисија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...