Владата на Република Македонија на редовната 116-та седница ја усвои Предлог – програмата за реализирање на Планот за чист воздух за 2019 година. Имајќи предвид дека борбата со аерозагадувањето е стратешки приоритет на Владата, програмата се заснова на 4 компоненти: мерки за директно справување со причините за загадување, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возраст, регулаторни промени неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија и имплементација на платформа за координација и следење на реализација на програмата, информираа денеска од Владата.
Програмата за намалување на аерозагадувањето ја утврдува и намената на обезбедените средства во висина од 2 милиони евра. Парите ќе се наменат за финансирање на замена на постојните нееколошки системи за греење во домаќинства, градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти во најзагадените градови во земјата, како и за набавка на пречистувачи за воздух во внатрешни простории во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти.
Во акцискиот план за намалување на аерозагадувањето за 2019-та година се вметнати и иницијативи на три граѓански организации коишто се однесуваат на изработка на посебна Веб страна, каде што на едноставен начин ќе бидат набројани сите мерки кои треба да ги спроведат државните институции и на инсталирање на филтри во малите и средни претпријатија, особено во оние од дрвната дејност.