Слободата на изразот, без сомнеж, е еден од критериумите, според кои се цени човештината на едно општество. За разлика од времето пред интернетот, особено пред социјалните мрежи, денес, неспорно, секој е слободен да биде извор на информирање и јавен дијалог. Но, бездруго, токму тука демне и опасноста за злоупотреба на слободата, за инфицирање со вирусот на нечовештината. Посоченава стварност, уште еднаш го потврдува многуповторуваниот факт, дека вистинската слобода секогаш и истовремено подразбира одговорност, а слободата без одговорност претставува насилство врз другиот!
Анонимниот настап на интернет, се чини, дека е едно од оделата, кои на себе ги облекува неодговорноста. Уште ако го одбере оделото и на македонската малограѓанштина, тогаш анонимноста станува онлајн умирање, проследено со кибицерство. Се разбира, анонимноста на социјалните мрежи не е забранета со закон. Веројатно затоа што никој и не може да остане целосно анонимен, бидејќи интернет протоколот (IP), секогаш ги открива точното место и точниот миг, кога е објавена конкретната содржина.
Зошто тогаш маска? Кај нас, најголем број од соговорниците во јавниот разговор, се потпишуваат со име и презиме, понесувајќи одговорност за реченото. Но, според социолозите, еден од можните одговори на горепоставеното прашање е чувството на отфрленост од средината, кое анонимните го искусиле во животот, та не можејќи да избегаат од доживеаното вон мониторот, усвојуваат еден измислен карактер. Тогаш се исполнува онаа реченица на стрип цртачот Штајнер, кога маската може несовесно да си рече: on the internet, nobody knows you’re a dog. Така, анонимноста зад која се кријат познати лица, па дури и партии, честопати го клонира своето дигитално его, создавајќи армија клонови, кои слепо кимаат со главите. Преку оптичките кабли, се фингира како бездушното добива душа. Една од најчитаните колумни во минатогодишните изданија на „Њујорк тајмс“, повикува на сериозен пристап кон животот, кој изискува напуштање на анонимноста. Анализирајќи една социјална мрежа, авторката О’Конор предупредува дека површниот пристап возбудува, но затапува, а во тоа особено придонесува анонимноста, поради која буи нетрпеливост. Анонимноста го снижува рамништето на јавниот дискурс и се заканува со поставување на нискоста како мерило, кое подразбира дека човекот може да биде одвратен, колку што сака. Тоа што личноста никогаш не би го рекла в лице, маската го изустува безбедно. Еден бегол преглед на содржините, кои го обликуваат домашниот онлајн израз, и станува очигледно дека маските се феноменот на „троловите“, кои од позиција на непогрешливост премногу лесно им пресудуваат на другите, прогласувајќи ги за незнајковци. Анонимноста е автохаварија на личниот идентитет и наместо да произведува суштинска дебата, најчесто води кон агресија и подбивање. Се чини невозможно е човек да не се насмее на фразите, кои и денес ги слушаме, кога на пример, некој новинар се повикува на анонимен член на синодот, анонимен министер, а станува збор за функции, кои по дефиниција се јавни, а не анонимни.
Дали анонимноста е главната причина, која обесмислува една, во суштина, добра идеја? Бев наишол на тезата дека, додека од една страна, анонимноста поттикнува учество, сепак, од друга страна го произведува „ефектот на опуштање“, односно ја намалува или целосно ја исклучува одговорноста при онлајн однесувањето. Не мал број мислечки луѓе истовремено констатираат дека, во целина, анонимноста е негативна за јавниот дискурс. Речиси општ е заклучокот дека на луѓето, кои знаат дека не носат одговорност за своите зборови, полесно им се случува ментален краток спој во размислувањето и во објавувањето на непромислените содржини. Резултатот е следниов: за комплексни теми се донесуваат површни заклучоци и погрешни судови.
За да ѝ дадам еден гносеолошки пристап на оваа заканувачка појава би ја илустрирал со еден бергмановски јазик, изговорен во „Персона“, кога познатата актерка решава да молчи и го поминува времето со медицинската сестра, која ѝ е доделена да се грижи за неа, во осамена куќа покрај морето. Нивниот однос, или поточно речено преиспитувањето, при кое едната жена постојано молчи, а другата без престан зборува, изговарајќи ги најпрвин своите зборови, а потоа зборовите на таа што молчи, е точката во која човекот се плаши да го покаже и да го види сопственото лице.
Критиката вели дека Бергман го опишува стравот од себе самите, на кој човекот му се спротивставува со навлекување на маски – персони, кои лесно се менуваат, само и само да не се покаже вистинското лице. Покрај кругот познати и признати имиња, домашните интернет дебати наликуваат на горечка филмска лента со бергмановски излетувања на анонимните од кадарот, со што се разорува исказот и се разоткрива илузијата на човечките самоизмами. Веројатно, Гете би рекол дека анонимниот првин треба веќе да е нешто, пред да си вообрази дека постанал нешто.