Месеци наназад јавниот обвинител молчи и не постапува по поднесените пријавите од ВМРО-ДПМНЕ. Љубомир Јовески досега не почувствува потреба ниту да информира зошто не ги процесуира пријавите и зошто не отвора истрага, рече на денешната прес конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Образложение нема и останува да се нагаѓа дали ваквата инертност е заради немањето капацитет или заради тоа што и Јавното обвинителство е во спрега со власта уценето од незаконски снимените разговори на јавните обвинители, скандал кој намерно не останува расветлен. Во само неколку месеци, ВМРО-ДПМНЕ има поднесено 6 кривични пријави против власта за насилство против Уставот и законите, за потпишувањето и ратификацијата на Договорот од Преспа, за избирачки нерегуларности против избирачки одбори, за поткуп во изборни цели, сега за објавување на законот за јазици во „Службен Весник“ без потребните потписи, а особено без потписот од Претседателот на државата. А, Јовески и јавнообвинителскиот систем никаде ги нема, не се знае дали воопшто се постапува по овие поднесени кривични пријави – вели Стоилковски.
Според него, Јовески не презема дејства за кои што е задолжен и за што дал заклетва иако е обврзан сам екс – официо да почне да дејствува, дотолку повеќе што се работи за криминогени дејствија за настани од вонредно јавно значење.
– Тоа не е во рамките на неговото дискреционо право, дали да постапува или да не постапува! Јовески е должен да презема предистражни дејствија за утврдување на околностите за сознанијата за кривичните дела и тоа е опис и попис на неговата функција. Со негово нестручно и несовесно работење прави свесна злоупотреба на службената должност. Доколку Јовески продолжи да молчи, Обвинителите од Основното Јавно обвинителство не смее да чекаат, мора да се одважат и да отпочнат постапки – вели Стоилковски.