МИМ го објави конкурсот за новинарската награда „Никола Младенов“

27

Македонскиот институт за медиуми (MИM), по 18-ти пат го објавува конкурсот за престижната новинарска награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија на годината, информираат од МИМ.

Kонкурсот е отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои истражувачки стории во медиумите во Македонија во текот на 2018 година, како и за оние новинари и редакции кои сакаат да пријават истражувачка сторија подготвена и/или објавена од колеги-новинари или од други редакции.

Не постојат ограничувања во однос на бројот на сториите со кои еден новинар или редакција можат да учествуваат на конкурсот.

Авторите на најдобрите истражувачки стории ќе добијат парични награди во износ од:

– 30.000 денари за првонаградената сторија;

– 20.000 денари за второнаградената; и

– 10.000 денари за третонаградената сторија.

Конкурсот е отворен до 15 февруари 2019 година, а апликациите може да се испраќаат по електронска пошта на mim@mim.org.mk, по пошта: Македонски институт за медиуми, Јуриј Гагарин 17-1/1, Скопје или лично да се достават во МИМ.

Апликациите што ќе бидат испратени по пошта или доставени во МИМ треба да бидат во пет примерока, што важи и за печатените и за аудиовизуелните материјали (копии на це-де). Во апликациите доставени преку интернет треба да се наведе линк до сторијата, или истата да се прикачи како додаток во е-пошта (PDF документ).

МИМ ја доделува Наградата за најдобра истражувачка сторија на годината редовно од 2001 година, со цел да го поттикне и поддржи истражувачкото новинарство, кое се смета за врвно новинарско достигнување и значаен елемент во зајакнувањето на демократијата во секое општество, се наведува во соопштението од МИМ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...