Македонија и Бугарија потпишаа Договор за соработка во здравството

62

План за соработка во областа на здравството за периодот од 2019 до 2021 година потпишаа денеска во Софија, министрите за здравство на Република Македонија и на Република Бугарија, Венко Филипче и Кирил Ананиев.

Планот за соработка, соопшти Министерството за здравство, е потпишан со цел да се продлабочи и поттикне соработката во областа на здравството и медицинските науки врз основа на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес и во согласност со националните законодавства на двете земји.

– Чест ми е што денеска со пријателска Република Бугарија потпишавме Договор со кој ќе ја поттикнеме соработката меѓу македонските и бугарските научни институции, универзитети и здравствени установи со цел размена на искуства во областа на медицинската наука и информации за медицински производи, развивање нови технологии и нова медицинска опремам – изјавил министерот Филипче.

Тој потенцирал дека Договорот ќе овозможи соработка во размената на информации во здравството, размена на специјалисти со цел да се обучат и консултираат во области, определени како приоритетни, размена на искуства и резултати за проблеми, определени како приоритетни за двете земји, учество на здравствени работници на различни научни медицински настани, заеднички научни и практични проекти и соработка при одржување курсеви и семинари по заемна согласност од двете страни.

Министерствата со овој План, како што се посочува, утврдиле дека приоритетни области за соработка се примарната и специјализираната медицинска заштита, болничката заштита, спречувањето на заразни и незаразни болести, превенција и контрола на СИДА и сексуално преносливи болести, епидемиолошки надзор над заразни и паразитски болести, здравственото законодавство, медицинската статистика, справување во вонредни состојби и друго.

Бугарскиот министер Ананиев изјавил дека со овој План се унапредува соработката меѓу Македонија и Бугарија, и токму овој Договор претставува можност за напредок на Македонија кон евроинтегративните процеси.

Планот за соработка потпишан од министрите за здравство на двете држави стапува на сила од денеска. Соработката со Бугарија продолжува и во наредниот период, информираат од Министерството за здравство.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...