Од утре не важат мерките и препораките на Владата против загадувањето бидејќи на дел од мерните станици во Скопје, Битола Гостивар и Тетово, концентрацијата на ПМ10 честичките се под прагот на алармирање.
За бесплатниот автобуски превоз во Скопје сѐ уште нема информации од ЈСП.
Мерките, соопштија од Владата, остануваат да важат само во Струмица.
Во продолжение интегрално ги пренесуваме мерките кои пред два дена ги препорача Владата, а престануваат да важат од утре:
- Сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост: да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма и други хронични респираторни болести, прележан миокарден инфаркт, мозочен удар и други кардиоваскуларни или онколошки болести без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар; да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила.
- Препорака до Единиците на локална самоуправа: да ги ограничат работите на градежните објекти; да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила и да ги следат сите останати препораки согласно заклучокот.
- Препорака за работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма и други хронични респираторни болести, прележан миокарден инфаркт, мозочен удар и други кардиоваскуларни болести или онколошки болести без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар;
- Препорака за работодавците да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот;
- Препорака да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено;
- Задолжување за Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето;
- Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети;
- Државниот инспекторат за животна средина да започне со зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, спроведување на контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух;
- Препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.