Кому му припаѓа политичкото срце на административците?

539

Во пресрет на уште еден политички земјотрес каков што ќе бидат претседателските избори, да не зборуваме за можноста од предвремена парламентарна општа тепачка, добро прашање е колку гласачи во Македонија се, всушност, платени за својот глас со пари. Ова прашање, со други зборови, се однесува на тоа колку е департизиран системот, односно администрацијата.

Важно е да знаеме колку и на кој начин, оние што зависат од државната каса, ќе гласаат по своја волја или според уредно спакуваните партиски комуникации вткаени во системот. Има многу начини тие да бидат убедувани да гласаат вака или онака, што и не е најголемиот проблем. Тоа спаѓа во пропагандата што не е баш најчистиот бизнис во светот, како што добро знаеме.

Прашањето, значи, не е дали (одговорот е да), туку колку и на кој начин административците се условени својот глас да го чуваат за тие што непосредно ги потпишуваат налозите за исплата на нивните плати и придонеси. Тоа што парите доаѓаат од џебот на граѓанките и граѓаните најчесто се доживува како апстрактна ситуација, како што се третира јавниот простор – „ничие е, па му правиме што сакаме“.

Интересна илустрација за овие прашања е Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор во кое беа, а веројатно сѐ уште се вработени над илјада луѓе. За Охридскиот договор имаме и цел еден вицепремиер за кој не знаеме дали доаѓа на работа. Но, освен министерот, (не) знаеме и колку од останатите вработени доаѓаат на работа, а земаат плата. Дали бројката од „рамковни административци“ што седат дома и примаат државна плата е (над) 2.000? Зошто ги плаќаме? Дали тоа е „за мир во куќата“?

Ако е за мир во куќата, не е висока цената, би рекол мојот другар В. кого често го среќавате во моите „рафали“. Но, веднаш потоа констатираме дека администрацијата обезбедува „мир во куќата“ и за сите останати партии и партиички. Тие им ветуваат, а потоа и им обезбедуваат ухлебие на своите гласачи во нашата мастодонтска бирократија, закитена со интернет платформи што не функционираат. Зборуваме за илјадна армија бирократи што ништо не работат, било да се дома или трошат струја на работното место. Навистина, ќе ја направиме ептен голема, ако го проблематизираме и тоа што и како, всушност, работат најмалку една третина од сите вработени во администрацијата на национално и локално ниво.

Кому му се лојални тие? На оние од чии пари живеат сигурно не. Да, ќе повторам: Ги плаќаме ние, обичните смртници, слободни и разочарани гласачи… Значи, дали ѝ се лојални на државата или институцијата за која работат, дали ѝ се лојални на партијата на власт или, пак, на партискиот лидер што им ветил вработување? Не можеме да бараме лојалност кон институцијата и државата, бидејќи и тие се, некако, апстрактни, како и јавниот простор или „народот“.

Од искуствата низ годините, заклучокот се наметнува самиот по себе. Политичкото срце на просечниот административец му припаѓа на партискиот лидер што му го „дал лебот“. Низ лични примери, многумина во изминатите две години ми објаснија дека „за мир во куќата“ најповластени се партиските солдати на претходната власт и на коалиционите партнери и партнерчиња што порано беа со Грујо Серекеш, а сега поитаа во скутот на новото парламентарно мнозинство. „Се борев за мојата партија со години, а сега вмороните и оние од ДУИ се на позиции, па и за вашите, Шарените, се најде место, а за нас ништо“ – вака ме „напаѓаат“ членови на СДСМ. Вемеровците, пак, се жалат на репресии од „хунтата“, збор што го украдоа од нашиот вокабулар. Ахметиевците, бајрамовците, домовците и другите се потивки… Си тераат еден живот…

Сиромашна земја, оваа наша Македонија. Политичката борба најчесто се сфаќа како влог, како инвестиција, а не како борба на и за идеи. Политичката корупција што Груевски и Фамилијата ја вбризгаа во коскената срж на општеството го собира својот мрсен данок од избори до избори. За тоа време, ние ги плаќаме гласачките машинерии на различните партии. Сѐ за демократијата! Сѐ за слободни избори, нели? Ахм.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...