Во врска со најавите за можни предвремени парламентарни избори, Демократскиот сојуз (ДС), излезе со соопшение афирмирајќи ја идејата Македонија да биде една изборна единица.
„За демократизација на државата и демонтажа на „еднопартискиот систем”, треба да се направи голем исчекор, а тоа е да се промени Изборниот законик, со кој ќе се определи Македонија да биде една изборна единица. Само со една изборна единица составот на Парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните и ќе се зголеми одговорноста на извршната власт, како и влијанието на граѓаните при носењето на битни одлуки за перспективите на државата“, сметаат од ДС.
Постојниот изборен модел со шест изборни единици, промените за финансирање на политичките партии, медиумската презентација, редоследот на партиите на гласачките ливчиња, составот на избирачките одбори, Државната изборна комисија и сл., според партијата, ги форсира двете партии, ВМРО -Д0МНЕ и СДСМ, овозможувајќи им 28 години да бидат на власт, без било какви шанси и можности да дојде трета партија на власт.
Демократскиот сојуз смета дека треба прво да се направат измени во Изборниот законик и да се обезбедат исти предуслови за фер политички натпревар, па после тоа да се организираат парламентарни избори.
Од партијата ги повикуваат сите помали партии заедно да се ангажираат и се изборат за фер услови за политички натпревар.