Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и Здружението на независни новинари на Војводина (НДНВ) денеска преку соопштение остро го осудија афирмативниот текст во весникот „Политикин забавник“ за нацистот Димитрие Љотиќ, кој, како што се наведува во соопштението е „најбеден од сите можни медиумски манипулации, а тоа е манипулацијата кон најмладите читатели“.
Во најновото издание од 18 јануари, магазинот Политикин забавник со наслов „Кои беа Љотичевци“ пишува дека Димитрие Љотиќ се „грижел за редот во Србија“, дека имал „единици со висок морал“ и ги „осудувал погромите на Евреите“, што добар дел од српските масони ги има „спасено од логорите“….
„Историскиот ревизионизам, одамна стана дел од нашиот секојдневен живот, а фашистичките, нацистички и други квислиншки и колаборационистички сили вложуваат максимални напори да се фалсификува историјата. Наместо најмладите читатели, во некогаш почитуваниот и сакан „Политикин забавник“, кој одбележува 80 години од своето постоење, од неговите страници да се запознаат со цивилизациските вредности, ним им се потдметнуваат монструозни „панегирици“ на Љотиќ и на неговите злосторнички следбеници кои, меѓу другото, на 21 октомври 1941 година во Крагуевац апсеа граѓани и деца, кои потоа ги стрелаа германските окупатори“, се наведува во соопштението на НУНС и НДНВ.
– АД „Политика“, чии изданија сега веќе во континуитет шират омраза и нетолеранција, на професионалните новинари и јавни личности им цртаат мети на чело, а сега почнаа и да ја прекројуваат историјата, е во сопственост на државата Србија – информираат од НУНС и НДНВ.
Тие потсетија дека „Илустрирана Политика“ неодамна објави класичен повик за линч на независните новинари и медиуми, а пред сè на оние кои имаат критички став кон власта во Србија, а потоа објавија серија текстови или „срамни памфлети“ во кои се аболираат обвинетите во процесот за убиство на новинарот Славко Чурувија и воедно ја загрозија безбедноста на основачите на Комисијата за истрага за убиствата на новинарите Веран Матиќ и Љиљана Смајловиќ.
Со реакција на текстот во „Политикин забавник“ се огласи и еврејската заедница во Белград.
„Димитрие Љотиќ и неговото движење ЗБОР не случајно (како што имплицира авторот), се изедначуваа со нацистите и фашистите. Димитрие Љотиќ беше локален нацист и организираше војска, српскиот SS-Freiwilligen Korps, кој беше во служба на германската војска. Идеологијата на овој корпус беше идентична со нацистичката: истребување на Евреите, комунистите и западниот капитализам. Корпусот беше познат по злосторства против населението, особено над Евреите и Ромите, партизаните и припадниците на движењето на отпорот. Љотичевите единици учествуваа во стрелање на учениците во Крагуевац во октомври 1941 година. Еден ден по овој масакр во организација на ЗБОР, во Белград беше отворена најголемата антисемитска изложба во градот, наречена „Антимасонска изложба“ чија цел беше „разоткривање на јудео-комунистичкиот заговор“, се вели во соопштението на еврејската заедница во Белград.
Со осуда се јави и Здружението на антифашисти на Зрењанин.
„За неверување е дека овој реномиран весник, кој веќе осум децении го купуваат читатели од сите генерации, излезе со текст кој изобилува со пофалби за лидерот на српското фашистичко движење „ЗБОР“, Димитрие Љотиќ“, наведуваат од ова здружение.
Трагично е што, наведуваат антифашистичкото здружение од Зрењанин, во Србија 75 години по победата над нацизмот, се зајакнува политиката на ревидирање на историјата, како и тоа што ваквите текстови и јавни настапи се многу зачестени.