Успешно е уништена авионската бомба од Втората светска војна, која пред неколку дена беше пронајдена при ископ на градежни работи во центарот на Скопје кај старата железничка станица, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување.
По пронаоѓањето, бомбата беше транспортирана до стариот пат кон скопско Батинци по што е пренесена на воениот полигон Криволак, каде што денеска било извршено нејзиното уништување.
Од ДЗС целат дека авионската бомба била тешка 250 килограми, нејзината ширина изнесувала 40 сантиметри, а должината 120 сантиметри. Станува збор за досега најголемата експлозивна направа откриена во Скопскиот Регион.
– Пронајдените парчиња НУС низ Републиката редовно ги подигаат пиротехничарите на ДЗС и ги складираат во засебни магацински простории, каде што се чуваат до нивното уништување, притоа грижејќи се за безбедноста на граѓаните на Република Македонија – велат од ДЗС.
Оттаму апелираат, доколку граѓаните забележат или пронајдат НУС, веднаш да пријават во најблиската полициска станица како би можело местото да се обезбеди и да се отстранат неексплодираните убојни средства.