Законот за двојазичност е противуставен, донесен во нелегална процедура, а со тоа и штетен. Ова се главните причини заради кои што ВМРО-ДПМНЕ денес поднесува иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за двојазичност, кој беше донесен на насилнички начин од страна на власта, со газење на Уставот, законите и процедурите за донесување и објавување на законите, рече Игор јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој повтори дека указот за прогласување на законот за двојазичност е објавен само со потпис на Талат Џафери и без потпис на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, што е во целосна спротивност на Член 75 од Уставот, кој предвидува указите за прогласување на законите задолжително да се потпишуваат од Претседателот на Република Македонија.
Според Јанушев, на указот на Законот за двојазичност стои единствено потписот на Талат Џафери, кој се потпишал во име на претседателот на држава, иако на претседателот на државата, ниту му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши, што е уште една незаконитост спротивна на Член 82 од Уставот. Тоа значи дека во конкретниов случај не е исполнет ниту еден од условите указот да биде потпишан од Џафери во име на Претседателот на државата.
– Уставните прекршувања мора веднаш да запрат. Република Македонија мора да биде правна држава, а не држава во која ќе се гази највисокиот правен акт. ВМРО-ДПМНЕ бара од Уставниот суд донесување на времена мерка – запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Законот за двојазичност и Указот за прогласување на истиот, чија уставност се оспорува, од причина што доколку започне да се применува постои ризик од настанување на штетни последици. Апелираме до Уставниот суд да одлучува со најголема итност, почитувајќи ги Уставот и воспоставените практики од минатото и да донесе одлука со која ќе се укине Законот за двојазичност. Незаконието мора да запре и одговорност мора да има – порача Јанушев.