Дваесетина кучиња скитници заловија стручните екипи за два дена од градскиот плоштад и од улицата „11 Октомври“ во центарот на Куманово, соопштија денеска од секторот за инспекциски надзор од општина Куманово. Овие кучиња, претходно не се забележани на подрачјето на градот и немале карактеристични обележја.
– Се појавија одредени кучиња што досега не сме ги заловувале, третирале. Кучињата се заловени, ќе добијат соодветен третман, по мислење на ветеринарните лекари, по што ќе бидат понудени на вдомување. Оние кои нема да добијат вдомување по триесет дена ќе бидат вратени на локацијата каде што се заловени – изјави Гордан Таневски, од секторот за инспекциски надзор, од општина Куманово.
И оваа акција како и претходните се спроведува во рамки на годишниот тендер што го спроведува општината за заловување на кучиња во вредност од 800.000 денари без ДДВ. Тендерот за заловување го спроведува ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово.
Од секторот за инспекциски надзор од општина Куманово ги следат најавените измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, согласно кои ќе ги изработуваат програмата и плановите за идниот третман што ќе треба да го понуди општината во овој сегмент.