Владата контра Османи – Венецијанска да го чешла цел Закон за јазици

Османи и Владата, според изјавите и соопштенијата изминатите денови, се разидуваат и во однос на прашањето дали ќе има нови вработувања за да може да се спроведе Законот.

1905

Венецијанската комисија треба комплетно да го чешла текстот на Законот за употреба на јазици, како и сите отворени прашања кои не се дел од овој закон, а не само две одреди како што викендов најави вицепремиерот Бујар Османи.

-До Венециската комисија ќе се испратат двата члена од Законот кои се повлечени од сегашниот закон. Тоа е употребата на двојазичноста на униформите на војската и банкнотите, кои беа оспорени од политичките партии, дали се уставни или не. Овие две одредби од законот ќе бидат испратени до Венецијанската комисија за проценка – изјави Османи.

Ваквата изјава на вицепремиерот од редовите на ДУИ е контрадикторна со записникот од 20. седница на Владата одржана на 4 август 2017 година, уште кога прв човек во Министерството за правда, кое е предлагач на законот, беше Билен Саљији.

„Владата заклучи Министерството за правда преку Министерството за надворешни работи да побара мислење од Венецијанската комисија за текстот на законот и отворените прашања кои не се дел од овој закон, по усвојувањето на законот од страна на Собранието на Република Македонија“, пишува во заклучокот од владината седница.

Денес, од Министерството за правда се повикуваат на заклучоците од таа седница и велат дека очекуваат во текот на оваа недела Законот за употреба на јазиците да се испрати до Венецијанска комисија.

Османи и Владата, според изјавите и соопштенијата изминатите денови, се разидуваат и во однос на прашањето дали ќе има нови вработувања за да може да се спроведе Законот.

Вицепремиерот викендов со актуелни и поранешни функционери Албанци почна да прави планови. Тој свика координативен состанок со цел, како што соопштија од неговиот кабинет, координација, следење и известување за текот на имплементацијата на Законот. Османи изјави дека станува збор за сложена операција за која ќе бидат потребни нови вработувања и дополнителни трошоци.

За разлика од него, пак, Владата преку соопштение претходно покажа спротивен став.

„Агенцијата за примена на јазикот и Инспекторатот за употреба на јазиците, како што предвидува законот и како што беше утврдено со политичкиот  договор за негово донесување, кадровски ќе бидат екипирани од постоечките човечки ресурси во министерствата, агенциите и секретаријатите. Не се предвидени нови вработувања“, наведоа од Илинденска бр.2.

Претседателот на Собранието Талат Џафери пред точно една недела го испрати Законот на објавување во Службен весник без потпис од претседателот на државата Ѓорге Иванов.

– Јас не чувствувам никаква одговорност затоа што сум презел сѐ во рамки на мојата надлежност. Му дадов доволно време на Иванов – дециден беше Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, остро застана против Законот и ги повика институциите да го бојкотираат, а за Џафери, заменикот генерален секретар на Собранието, Неџбедин Ибраими и директорот на Службен весник, Мартин Костовски, поднесен кривични пријави редејќи им ги делата: „злоупотреба на службената должност и овластување“, „злосторничко здружување“ и „саботажа“.

Паралелно си сите процеси, за ова законско решение ќе треба да се произнесе и Уставниот суд до кој професорот Јове Кекеновски минатата недела поднесе иницијатива за оценување на уставноста.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...