Неинформирани, прости и глупави

Медиумската писменост е на катастрофално ниски нивоа, а исплакнатите програми на мрсните европски фондови (и фолирантите што ги трошат) не ветуваат успешна акција за описменување и борба против говорот на омразата, спиновите и лажните вести.

1238

Минатата година, Марк Цукерберг (основачот на Фејсбук) ќе ја запамети по жестоките критики на негова адреса поради злоупотребите од гигантски размери, што во име на профитот и слободата на изразување, Фејсбук ги дозволува или ги толерира (и кешира) на својата платформа. Социјални медиуми: од „разбибрига“ до средство за масовна комуникација на информации, пораки и идеи што центрите на моќ го претворија и во средство за масовна манипулација. И кеш, многу кеш! Социјалните мрежи не можат без нас, но и ние не можеме без социјалните мрежи. Или, барем така се чини во ерата на хипертрофија на комуникациите и лажните заложби за слобода на изразувањето.

Се кријат зад слободата на изразувањето, со изговори што ги влечат од ова цунами од амнестии и разните облици на корупција, а бездруго ставени во служба на софистицираните агитпроп структури, свесни или несвесни за својата функција (сеедно)… Фејсбук „демократи“.

Како функционираат овие „демократи“? Тие се, всушност, многу мрзливи, неинформирани и прилично ограничени. Не читаат ништо освен постови на Фејсбук. Не коментираат содржина, туку коментари. Од тоа што го пишуваат на социјалните мрежи се гледа дека имаат огромни дупки во образованието, а во нивните личности зјае уште поголема дупка, на чие место треба да се свеста, совеста и моралот. Не чувствуваат срам што не прочитале ништо од или за некого или нешто, не чувствуваат одговорност за искажаниот збор.

Неинформирани, прости и глупави. И логореични. Тоа е она пореметување, во многу нешта слично на дијарејата, со таа разлика што од телото (главата) се исфрлаат зборови со истата вредност како материјата што се исфрла при дијареја. Овие услови и карактеристики им помагаат да развијат уште една особина, а тоа е упорноста. Тоа е добра особина, кога човек не е глупав, злонамерен и вулгарен. Сѐ заедно, тие се безлична човечка смеса, податлива за манипулации и ставање во служба на центри на моќта што имаат сосема поинакви цели од оние што се на површината. Впрочем, повеќето од тие центри и не ги кријат своите крајни намери и цели.

Таквите центри се во лов на главчиња со ограничени знаења, со дупки какви што споменав погоре, мрзеливи и површни, ограничени и фрустрирани. Што не читаат. За нив светот почнува и завршува во затворениот круг на Фејсбук коментарите. Човек не мора предолго да „живее“ на временската линија на Фејсбук, за да ги разбере сите овие работи со само малку подлабок поглед на организираните инквизиторски хајки.

Најголем дел од нив се тролови, организирани или полуорганизирани во тимови, насочени кон поединци. Како глутници хиени се нафрлаат врз поединечни мети. Ним не им е важно дали се спастрени, дали се служат со спинови, полувистини, лажни вести… Не. Нивната цел е да наштетат, без видлива намера кој треба да добие некаква корист од тоа. За користа се занимаваат други нивоа во структурите.

Најмалку што можат да постигнат е да го окупираат вниманието на својата мета, да ја навлечат и да ја задржат во својата апсурдна, еднострана и плитка комуникација. Сум кажал и пак ќе кажам, најмногу ми е жал за децата во семејствата на овие суртуци.

„Зошто си правиш дупла работа?“ – ми вели мојот другар В. синоќа, читајќи мој одговор на коментар – „Ти си поголем од тоа. Ако сакаш да одговориш, напиши уште една колумна.“ И навистина! Еднаш напишаното треба доволно да говори самото по себе. Нема потреба да се објаснува нешто што веќе е објаснето.

Сепак, мора да ја погледнеме приказната и од друга страна. Голем број мртви души остануваат заробени во надолната спирала на незнаењето, глупоста, фрустрациите и омразата. И стануваат лесен плен на агитпроп агентурите. Лесно е да се заглави во нивната мизерна мрежа. Затоа, добро е да се говори за оваа патологија, да се разобличат нивните начини на дејствување.

Медиумската писменост е на катастрофално ниски нивоа, а исплакнатите програми на мрсните европски фондови (и фолирантите што ги трошат) не ветуваат успешна акција за описменување и борба против говорот на омразата, спиновите и лажните вести. Напротив. За жал, останува да се води нерамна битка меѓу совеста и интелектот од една страна и фабриките на црната пропаганда од друга страна. Пропаганда на која добро ѝ дошле креатури што не дочитуваат или воопшто не читаат.

Траумите од режимот на Груевски и неговата агитпроп машинерија се длабоки, а инфекцијата е жестока. По неговиот пад и срамно бегство, многу гладни за моќ останаа да се борат за влијание. И тие гладници спремно ги дочека рускиот баќушка, чија цел е да се задржи нестабилноста на Балканот. Итро, со не малку пари, купува души евтино и ги товари со лопата на запрегата чија патека завршува во бездната на минатото.

Трауматизирани, фрустрирани, фолиранти, егзибиционисти, препарирани и оскубани папагали на бившиот режим, леви фашисти, гротескни путинизирани бабушки… Секакви ги има. На еден или друг начин, сите се мобилизирани и ставени во една насока – да предизвикаат што е можно повеќе забуни и заблуди, да ѝ наштетат на македонската иднина, да посеат што е можно повеќе семиња на омразата и деструкцијата. Свесни, полусвесни, несвесни. Последиците се подеднакво грди.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...