По 15 години (од 1974 до 1989.) молк и тотална ексомуникација од јавниот живот во некогашната СРМ, Крсте Црвенковски, едно време на самиот врв од комунистчката номенклатура во СФРЈ, објави една мала книшка (123 стр.) која, веќе со насловот, упатува на помисла дека неговата борба за „заокружување“ на македонската државност во федерални рамки била таа што ставила крај на неговата политичка кариера.
Насловот на таа книшка гласи: „Во одбрана на македонската кауза“. Една третина од книшката зафаќа опсежен извадок од „Стеногрма“ на разговор со Тодор Живков, прв човек на бугарските комунисти во тоа време и претседател на Министерскиот совет на НР Бугарија. Во својство претседател на ЦК СКМ и член на претседателството на ЦК СКЈ Црвенковски го води тој разговор со Т. Живков на 19 мај 1967 во Софија. „Стенограмата“ добива дополнително значење и актуелност во светлината на „Договорот“ кој го попиша владата на Заев со владата на Бојко Борисов, веројатно нешто како прв (задолжителен?) чекор кон Преспанскиот договор со владата на Алексис Ципрас.
Паѓа в очи што таа „Стенограма“ почнува со мошне долг експликативен увод на Црвенковски кој се повикува на средба на Т. Живков во Белград, на која рекол дека „лично тој“ како и раководството на бугарските комунисти стоело на некогашните „димитровски позиции“ по однос на „македонското прашање“. Тој детаљ од „Стенограмата“ е по себеси сигнификатентен. Упатува на помисла дека Црвенковски го подготвува, стрпливо и со многу дипломатски такт, својот домаќин за нешто непријатно што треба и да уследи. Тоа и се случува.
Откако потсетува дека во НР Бугарија од војната па наваму имало три пописа, тој го прашува својот соговорник: „вториот попис е извршен во 1956. […] и при тој попис 180 000 жители на Благоевградскиот округ се деклариле како Македонци. Сега“, поентира смело Крсте, „при вашиот последен попис, во цела Бугарија има само 8.000 Македонци…“ Очигледно е, од начинот на кој излегува на крај бај Тодор со својот непријатен соговорник од Македонија, дека не само што очекувал такво прашање, туку и дека ќе ја чека својата шанса да му врати, со иста мера, на својот гостин од Македонија.
Тој не избегнува да каже дека во Бугарија има Македонци. Напротив. Вели, на пример, дека само во Друштвото на писателите на Бугарија имало околу сто видни писатели Македонци. Потоа додава дека во сегашниот состав на Централниот комитет околу половината биле Македонци. Меѓутоа, сите до еден биле со бугарска самосвест (съзнателност). Затоа не пропушта да праша: „за нас е неразбирливо зошто е неопоходно во вашата работа да се формира и развива македонско национално сознание на антибугарска основа; и зошто е тоа неопходно?“ (21). Скриената порака на Живков е: макенската „съзнателност“ нема историска подлога. Таа е плод на политички инжинринг.
Таа порака не пропушта да ја фати „во лет“ Црвенковски и затоа потсетува дека нациите се релативно нова историска појава: „Во текот на XVII и XVIII век не се знаело ни за вас ни за нас“; “Тоа била аморфна поробена христијанско-словенска маса“; “Дури во 1772 година […] Пајсиј има речено за вас Бугарите ‘Немој да се срамиш што си Бугарин’“(28). Крсте прави мала грешка (можеби намерна) со годината кога го рекол тоа Отец Пајсиј. Живков галантно пропушта да го поправи. Но затоа пак не пропушта да поентира: „и тој е Македонец!“. Една поента која го доведува во тесно неговиот соговорник: ќе бара ли сега тој и од еден Отец Пајсиј македонска самосвест?
Отровното осило од поентата на бај Тодор ме потсети на една критичка студија за Отец Пајсиј, објавена во Годишникот на LangueO – Институт за источни јазици и цивилизации во Париз. Таа во секој поглед исцрпна и внимателно напишана студија за основоположникот на бугарската национална преродба се дава со францускиот превод на неговата „Славјано-бугарската историја.“ Автор на студијата е Атанас Попов (1980) кој, освен што има доплома од LangueO по бугаристика, има и друга по француско и англиско право.
Во предговорот на таа студија може да се прочита: „Подигнаа статуа на Пајсиј во Банско иако го немаа неговиот портрет, а ниту физички опис. Идејата беше да се натераат луѓето да мислат дека жителите на тој крај се Бугари затоа што основачот на националното будење беше од тој крај. Објавата на Георги Димитров и неговата влада на македонски национален идентитет различен од бугарскиот идентитет се гледаше, по тој начин, оспорена“.
Наивно е да се мисли, според авторот на француската студија за Отец Пајсиј, дека некоја статуа во Банско (Пиринска Македонија) на „будител“ за кој нема дури ни физички опис може да анулира (погрешна!) политика на Георги Димитров по однос на „македонската кауза“. Наивно е да се мисли, исто така, дека, Македонците од Банско немаат „иста крв“ како оние од Охрид кои веќе не се Бугари. Ама не помалку наивно е да се мисли дека може да се направи нација не со потоци пролена крв „туку со цивилно поврзување кон ист модел“ како што го направиле тоа Македонците во федерална Југославија.
Тој детаљ како и многу други (за кои ќе стане збор) јасно покажуваат дека авторот на таа француска студија за Отец Пајсиј сепак држи до генералната линија на бугарската службена политика кон „македонската кауза.“ Иако тоа го прави со многу такт, завидна акрибија и, секако, отмена дискреција.