Грчкиот премиер Алексис Ципрас смета дека Договорот од Преспа е историски договор и за Атина и за Скопје и порачува дека ратификацијата на договорот претставува патриотска должност.
Тој во денеска објавеното интервју за грчкиот весник „Авги“ го обвини лидерот на најголемата опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис, поради залажување на јавноста и опасно поигрување со екстремната десница и политика на омраза поради добивање времена корист на избори.
Интервјуто е објавено на денот на протестите кои се одржуваат во Атина поради Договорот од Преспа, а Ципрас по тој повод истакна дека во демократско општество граѓаните имаат право на мирни протести и за тоа нема преговори.
– Верувам дека е должност на секого да ги изолира екстремистичките групи кои се обидуваат да манипулираат со тој собир и да го отстранат слоганот на омраза. Имавме доволно граѓанска омраза во историјата на оваа земја. Конфронтациите треба да се решаваат со аргументи и дијалог – порача Ципрас.
Грчкиот премиер зборува и за односот со Панос Каменос, лидерот на партијата Независни Грци, кој поднесе оставка на функцијата министер за одбрана.
– Тоа беше искрено партнерство. Моите чувства секогаш ќе бидат пријателски без разлика на политичките несогласувања и верувам дека и понатаму ќе водиме заеднички битки. Сепак, верувам, а тоа и нему му го кажав, дека направи погрешен избор – додаде Ципрас во интервјуто за „Авги“.
ФОТО: EPA-EFE / NIKOS ARVANITIVIS