Срамот на бранителите на еден медиумски злосторник

Лажни моралисти, вие што сите ги обвинувате за сеирџиство и малограѓанштина, бранејќи еден обичен насилник, имајте на ум дека ваште комични тиради нема да ви поминат. Ќе бидете потсетени на вашата хипокризија кога најмногу ќе ве здоболи. Јавноста ве чека со тап нож!

12071

„Молам да не се окрива идентитетот на Саше Политико и на жена му во веста за тепачката меѓу нив двајцата“. Оваа куса порака до редакцијата на веб-изданието на „Слободен печат“ ја испратив на 18 јануари околу 17 часот, веднаш откако ја прочитав првичната вест за семејното насилство во домот на Ивановски, во која актерите беа означени „прописно“, што ќе рече со иницијали и со назнака за нивната возраст. Слична порака беше упатена и до дежурната екипа на Плусинфо, каде што првата вест содржеше само две реченици и наслов „Скопјанка со нож го нападнала својот сопруг“. Ниту една буква не укажуваше на тоа дека станува збор за сопственикот на порталот Мактел и за неговата сопруга.

Но, од свои причини, веројатно поттикнати од својот личен егзибиционизам и од „тиранијата на примитивизмот“ (како што пишува една наша колешка, а бранејќи го Сашета), феномен што сопственикот на Мактел го воведе како официјален и очигледно веќе и признат дискурс во македонските интернет медиуми, тој и неговата сопруга решија случајот да ѝ го раскажат на јавноста, до најситните детаљи (ножот за леб, на пример, чија тапост го спасила кутриот Саше од „потрагични последици“). За да добиe внимание и директна или скриена поддршка од луѓе кои сите што пишуваа и коментираа за овој случај ги обвинија за „сеир“ и за „малограѓанска екстаза“ (така пишува спомнатата колешка), сопственинкот на порталот решил да се „жртвува“ и себеси, но и своето малолетно дете, над чија судбина рони солзи. Доследен на својот стил на советник по себе и учител за „уметноста на животот“, Саше и во вакви тажни моменти ќе најде сила во својот „демант“ да ги посоветува помладите и понеискусните секогаш на страна да имаат по 500 до 1.000 евра, за да им се најдат во вакви случаи кога мора да го напуштат домот. „Професионалец“ до крај, нема што!

Нашата надобудна колешка заборавила дека зборуваме за човек кој буквално секој ден пцуе на својот портал, се заканува, клевети и навредува познати јавни личности и пошироко („Половина од Македонците се чисти фашисти и Шешељовци“, пишува тој пред некој ден). Додуша, јас не се сеќавам – можеби поради „Алцхајмерот“ што многу одамна ми е „дијагностициран“ од примариус Политико – токму нашата надобудна колешка да сум ја видел во улога на жртва на овој идиот, кого таа го означува и како „мртов Германец“ (демек, небитен). И не се сеќавам таа да се беше огласила во неколкуте случаи кога овој „мислител“, на својот портал ширеше отворена мизогенија, омраза кон феминистките и слични „модерни филозофии“ (наспроти нас, „примитивците“). Не се сеќавам оваа новинарка да ги бранеше јавниот интерес и медиумската етика тогаш кога онаа будалетинка им делеше совети на младите да не учат, да не губат време да се образуваат, туку веднаш да се фатат на работа и да прават милиони.

Доближувајќи се до темата што ја возбудила нашата колешка што ни држии лекции по етика, сакам да ја потсетам дека овој ист лик, јавно и без никаква основа, обвини новинар и сопственик на портал дека ги подведувал своите ќерки на проституција. Каков безочен криминал! Да не спомнувам колку „швалерки“ и „курви“ откри овој наш „мртов Германец“ во нашата околина (секогаш со лаги и клевети, нормално), а сето тоа помина без збор осуда од Советот за етика во медиумите, но и без лична реакција на спомнатата колешка. И сега, кога Саше Политико пишува за сопствената семејна драма, непредизвикан од никого, нашата колешка и многу други почитувачи на мрачниот лик и на неделото на овој медиумски злосторник, се почувствувале повикани сите да нѐ обвинуваат за сеирџиство и за малограѓанштина.

Ма немојте! Лажни моралисти, навистина ли мислите дека ваште комични тиради ќе ви поминат?

Пред сѐ, треба да научите дека неспорен јавен интерес и етичка обврска на новинарот е да известува за документираните случаи на семејно насилство. Ова е таков случај. Ќе цитирам дел од фејсбук-статусот на мојата колешка Емилија Лазаревска: „Само во Македонија семејното насилство, тепањето деца и швалерацијата на работно место, посебно од позиција на шеф, е приватна работа. За тоа не сме требале да пишуваме. Види мајката, многу современи бре Македонци. Се испотепале, сакале да се заколат и тоа не било вест, не требало да се пишува?! Излезете малку од трлото, видете како е по светот и замислете некоја јавна личност, па макар била и овој шарлатан, да имал ваков инцидент дома. Сите медиуми ќе му беа на врат, а тој ќе беше со лисици на раце и веќе ќе добиеше забрана за доближување на детето, дури не се реши судски случајот. Ќотекот и семејното насилство во нормални држави не се приватна работа, туку сериозен општествен проблем и предизвик“.

Од друга страна, треба да биде јасно дека во случајов темата не е само семејното насилство во домот на Ивановски. Многу сериозен општествен проблем е тоа што компании и деловни субјекти што се рекламираат на порталот на Саше Ивановски се доведени во ситуација објективно да ја поддржуваат и неговата вербална агресија, заканите, навредите и клеветите, општиот простаклук, а сега и семејното насилство. Со тоа и самите си го уриваат сопственото реноме. Ќе се послужам со цитат од пост на Ивор Мицковски: „Ајде уште еднаш апел до Владата, градоначалниците и фирмите, да размислат какви говеда финансираат и какви монструми создаваат“. Се разбира, најголем дел од компаниите кои ги финансираат вредностите што ги „продава“ Саше Политико го прават тоа затоа што се „замолени“ од луѓе од власта – да му помогнат на момчето, имено заради „каузата“, за која тој, според нивните сфаќања, бил екстремно заслужен.

Тоа, ако не сте знаеле, се вика – рекет. Во Македонија, поради недостигот на минимална регулатива на интернет медиумите и неможноста тие дури и да се дефинираат како медиуми (макар толку), рекетот е легализиран. Саше и сашевци можат да пцујат и да пишуваат што сакаат и за тоа никому да не одговараат. За жал, имам информации дека и законски регулирани медиуми, користејќи ја наклонетоста на власта, се впуштаат во рекетирање на компании и приватни личности, на сличен начин како што тоа се правеше за време на режимот на Груевски. Слушам дека станува збор за огромни суми. Тоа е тема со која сега треба сериозно да се занимаваат Советот за етика во медиумите и другите новинарски здруженија, а особено инвивидуалците во тие организации кои настапуваат јавно и со лични ставови.

Да заклучам. Многу често ме прашуваат зошто се занимавам со еден опскурен лик каков што е Саше Политико. Ме караат дека тој не го заслужува моето (и нашето) внимание, бидејќи е „под моето ниво“. Сега, еве, пишуваат дека бил „мртов Германец“. Не, драги мои, работата воопшто не е наивна. Куририте не грешат многу кога Сашета го нарекуваат „перјаница на СДСМ“. Тој објективно е најпопуларниот лик во сдсмовски настроената раја, која е воодушевена од неговата „храброст“, од неговиот „стил“, од неговото „новинарство“. Саше нема директна поддршка во највиоските кругови на СДСМ, тоа го знам, но монструозното лумпен-новинарство што тој го воведе во македонскиот медиумски простор се смета за феномен што му помогна на СДСМ да дојде на тронот и што му помага да се одржи на власт.

Цената на таа перцепција е висока. Не знам кога и дали воопшто во СДСМ ќе сфатат дека „вредностите“ што ги пропагира „филозофот“ Саше Политико, со неговиот карактеристичен говор на омраза, се „вредности“ што се идентификуваат со идеологијата на таа партија. Не е случајно и тоа што сега се најдоа и лажни моралисти за случајот на семејно насилство во домот на Ивановски (повторувам, јавно обелоденет од сопружниците) да ги обвинуваат сите други, освен нив двајцата. Но, реков веќе, лажниот морал нема да помине. Лажните моралисти ќе бидат потсетени на нивната хипокризија тогаш кога најмногу ќе ги боли.

Ало дечки, не заборавајте – јавноста ве чека со тап нож. Веднаш тука, зад аголот…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...