Во Тиквешко со примки наместо диви свињи, се фаќаат и луѓе

Примките за диви свињи се прават од сајла, со која се влечат возила. За зајаци, од потенката што се користи за кочење кај велосипеди. И во едниот и во другиот случај, примките се прават како бесилки.

715
Фото: МИА

Несовесни граѓани поставуваат примки за да фатат дивеч во Тиквешко, но на нив се фаќаат и луѓе. Оваа информација за МИА ја потврди Тоде Пановски, секретар во Ловечкото друштво „Тиквеш“ од Кавадарци.

– Имаме такви сознанија од ловџиите на терен. Несовесните, најмногу ги ставаат примките за да уловат диви свињи. Но,знае да се фати и стока како говедо, на пример. Се случува да се фатат ловџиски кучиња, но и луѓе. Едноставно ќе поминат, нема да ги видат примките што се поставени и покриени, ќе ги повлечат и ќе се заплеткаат во нив. Значи, може да се фати срна, кое било диво животно, па и мечка – нагласи Пановски.

Тој појасни дека несовесните поставуваат примки, според терк, од понеделник до петок. А ги вадат во сабота и недела, кога на терен се ловџиите и има раздвиженост. За да нема проблеми и во примките да не се фаќаат ловџиските кучиња, да не бидат и самите примкари фатени на самото место. Такви се, рече, нивните сознанија во врска со оваа тема.

Примките за диви свињи се прават од сајла, со која се влечат возила. За зајаци, од потенката што се користи за кочење кај велосипеди. И во едниот и во другиот случај, примките се прават како бесилки.

– Ги имаме чекано, но тешка работа е да фатиш примкар. А примкарењето е најстрого забрането – дециден беше соговорникот, додека го фотографираввме со примки пронајдени при акција на терен.

Најмногу примки пронаоѓаат во ловиштата за крупен дивеч во Мрежичко и Куманичево. Второто, ловиштето број два, го опфаќа куманичевскиот, бојанчишкиот и драгожелскиот дел. Примкарењето е најмасовно во атарот на Драгожел.

– Секое лице кое ќе биде фатено да мести примка, казната со која се соочува е од 1.500 до три илјади евра. На самотот место имаме откриено многу примки, но примкар засега не сме успеале да фатиме на терен. Имаме сомневање за поединци, но не сме успеале да ги фатиме како поставуваат примки – нагласи Пановски.

Примкарење деноноќно, 365 дена во годината

Во неготинско-демиркапискиот атар, пак, ловиштето број два, Копришница – Демир Капија, веќе четврта година е без концесионер.

– За тој период таму се појави ловокрадство, особено примкарство, од страна на луѓе кои сакаат да ловат на нелегален начин, без да му плаќаат членарина на кое било ловечко друштво од Тиквешко и без да ги почитуваат правилата за лов. Од друга страна, државата изминативе години не зема приход за концесија на тоа ловиште. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство рече дека ќе распише концесија и ние ќе учествуваме на тој повик, со цел да станеме концесионери на тој ловен терен и да ставиме ред – рече Јаким Зимоски, секретар во Ловното друштво „Вардар” од Неготино.

Најголемото примкарство и криволовство во Македонија, во овој период е, нагласи, во ловните терени што се без концесионери.

И во Неготинско и Демиркаписко во примките, наместо диви животни, се случувало да се фатат ловџиски кучиња, па и крава. Умреле. Всушност, секогаш умирале ако не се најдат навреме.

– Примкарството нема никаква врска со легалниот лов, кој претставува спорт и не го загрозува живиот свет. Примкарењето е опасно, тоа е деноноќно, сите 365 дена во годината. Најголем проблем е што некои од примкарите забораваат да ги извадат примките. Ние малку подлабоко размислуваме за решавање на проблемот, преземаме активности за набавка и поставување  камери на одделни места во ловиштата, за да ги фатиме примкарите – откри Зимоски.

Досега имале поднесено соодветни пријави против неколку лица кои ловеле со примки. Над 800 примки биле пронајдени изминатите две години на нивните ловни терени во Неготинско и Демиркаписко. Најмногу биле поставувани со цел во нив да се фатат диви свињи, зајаци, срни. Целта била да се дојде до што повеќе месо, затоа што со спортско ловење, уловот бил многу помал и требало да се дели со колегите од ловџиската група.

Атарот на демиркапиското Драчевица, исто така, бил нападнат од примкари. Постои една шега, дека на времето како се раѓало дете во Драчевица, така учело да прави примки.

Следува повик за концесија врз девет ловишта

Одговарајќи на прашања од МИА, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираа дека на територијата на Република Македонија се востановени вкупно 250 ловишта, од кои 105 се за крупен дивеч, a 145 за ситен дивеч.

– Од нив, четири се прогласени за државни ловишта, две се управуваат од ЈП „Македонски шуми“ и две од ЈПУЗПП „Јасен“. Моментално се води процедура за спроведување јавен повик за доделување концесија за девет ловишта. Сите други или имаат свои концесионери и тековни договори, или тие што се одземени поради прекршување на договорите, со одлука на Влада, а во согласност со законот, му се дадени привремено на ЈП „Македонски шуми“ на таканаречена присилна концесија (за чување и одгледување, прихрана), сè до наредно давање на тие ловишта на концесија со јавен повик – појаснија од Министерството.

– Надзор над спроведување на договорите, а и на законот, прави Државниот инспекторат за шумарство и ловство. Ако при тековниот и вонредниот надзор се покаже дека има повреди на договорите за концесија, го известуваат МЗШВ, ние ја информираме Владата, со предлози за решавање, т.е. едностран раскин.

Измени и дополнувања на Законот за ловството се предвидува да има оваа година, соопштија од Министерството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...